| |

Бугарското МНР изрази сериозна загриженост поради новото одбивање на Судот во Кочани за лекувањето на Ива Михаилова

Министерството за надворешни работи на Бугарија изрази „сериозна загриженост“ откако Основниот суд во Кочани повторно го одби барањето на Ива Михаилова да се лекува надвор од Република Северна Македонија.

„Денеска, 7 август, Основниот суд – Кочани повторно донесе негативна одлука, Ива Михаилова да го спроведе потребното лекување“, се наведува во соопштението на бугарското МНР

Како што се наведува во соопштението, веќе повеќе од половина година Михаилова не може да добие навремено и соодветно лекување за дијагностицираната тешка невролошка состојба.

„Став на локалната надлежна здравствена институција јасно ја констатира не само тешката дијагноза, туку и неможноста пропишаното лекување да биде обезбедено во Северна Македонија и потребата тоа да биде спроведено во друга држава“, соопшти бугарското МНР.

Од Софија бараат Михаилова да добие пристап до потребната медицинска грижа со цел, како што велат, да се спречи опасност од трајни последици.

„Настојуваме Ива Михаилова да добие пристап до навремена и соодветна медицинска грижа, за да се избегне реалната опасност од трајни оштетувања со неповратни последици врз нејзиното право на достоинствен живот“, се наведува во реакцијата.

Бугарското Министерство во соопштението се повикува и на Европската конвенција за човекови права, наведувајќи дека државите-потписнички имаат обврска да ги заштитуваат човековите права.

„Во случајот со Ива Михаилова обрнуваме внимание на почитувањето на правото на живот, забраната за нечовечко и понижувачко постапување, како и на обезбедувањето ефективни правни средства за заштита“, се додава во соопштението.

Бугарското МНР случајот го поврзува и со оценките за состојбата во правосудството во Северна Македонија, наведувајќи дека „не се случајни постојаните негативни констатации на Европската комисија за состојбата на судскиот систем во Северна Македонија“.

„Владеењето на правото е меѓу водечките услови за каков било напредок на една земја-кандидат за членство во Европската Унија“, се наведува во реакцијата.

Министерството додава дека грижата за животот и здравјето на бугарските државјани и сонародници во странство останува приоритет на бугарската држава.

„Ива Михаилова ќе продолжи да ја има целосната поддршка на бугарските институции во нејзината борба за достоинствен живот“, стои во соопштението на Министерството за надворешни работи на Бугарија.

Слични Објави