ВМРО- ДПМНЕ: НЕИЗДРЖАНИ СЕ ЛАГИТЕ НА МАРИН И СДСМ ЗА ГРАДБИТЕ ВО АЕРОДРОМ

Конечно го видовме вистинското лице на Златко Марин.

Вчера по предлог на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ на дневен ред на седница на Советот на општина Аеродром беше точка за мораториум на постапките за издавање на одобренија за градење на објекти на градежни парцели кои се во границите на деталните урбанистички планови кај „Мајчин дом“ и во Стар Аеродром, како и запирање на сите постапки за изградба на објекти за кои е издадено правосилно одобрение за градење во границите на овие детални урбанистички планови, се до извршување на ревизија од страна на стручните служби на општина Аеродром.

Златко Марин и советниците на СДСМ со коалицијата одлучија да не ја поддржат оваа точка и да овозможат изградба на започнатите градби во Аеродром.

Лицемерно е пред избори да ветуваш мораториум на градби и за само една година да си го погазиш зборот.

Неиздржани се лагите на Марин и СДСМ дека нема законски основ за мораториум на градбите во Аеродром.

Неиздржани се обвиненијата кон ВМРО-ДПМНЕ од позиција на градоначалник со мандат од една година, кој ништо не преземал за спречување на овие градби.

Почитувани,

Златко Марин со театрални пресови и интервјуа „бара решение“, и се моли да не го најде. Тоа повеќе не проаѓа.

На граѓаните им е и повеќе од јасно дека бизнис интересите се единственото нешто што го интересира Златко Марин.

Лицитирањето со суми за оштета, незнаењето, покажување со прст кон опозицијата се само изговор дека нема решение на проблемот, а вистината е дека од 1 ноември 2017 година, кога Златко Марин ја презема градоначалничката функција, до септември 2018 година, кога издаде одобрение за градење на висококатницата кај „Мајчин Дом“ не се ни обиде да најде решение за проблемот, иако тоа му беше главно предизборно ветување.

Аеродромци ќе го паметат Златко Марин како најнеспособен градоначалник на Општина Аеродром, што само за една година си го погази зборот и не исполни ниту едно предизборно ветување.