Десети меѓународен колоквиум по старобугаристика ќе се одржи во Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“
Десеттото издание на меѓународниот колоквиум по старобугарски јазик ќе обедини научници од неколку европски земји, кои ќе ги претстават темите и истражувањата на кои моментално работат пред своите колеги, јавува БНР.
Форумот има богата историја, поврзана со развојот и судбината на старобугаристиката, а пошироко и на хуманистиката во Бугарија. Неговите корени датираат од 1980 година, кога биле основани Катедрата по кирилометодиевистика при Софискиот универзитет и Кирило-Методиевскиот научен центар при БАН. Тогашната државна поддршка била мотивирана од големите чествувања по повод 1300 години од основањето на Бугарија. Во периодот од 1980 до 1994 година се одржаа шест изданија на колоквиумот, но поради недостиг на финансии традицијата била прекината.
По подолга пауза, во 2019 година колоквиумот е обновен по иницијатива на проф. Румјана Павлова. Денес, организацијата е во рацете на Катедрата по кирилометодиевистика, како и други научни звена, меѓу кои и Кирило-Методиевскиот научен центар при БАН. Финансирањето се обезбедува преку научни програми, а новитет претставува тоа што трудовите од учесниците се објавуваат во специјални зборници, достапни за истражувачите и пошироката публика.
Во рамките на овогодинешното издание ќе биде отворена изложбата „Во светот на проф. Бонју Стојанов Ангелов“, организирана од Кирило-Методиевскиот научен центар и Научниот архив на БАН. Повод е 110-годишнината од неговото раѓање. Проф. Ангелов важи за еден од највлијателните учители и научници во областа на јазикот, литературата и палеославистиката, иако неговото име не е многу познато за пошироката јавност.
Изложбата има за цел да го прикаже професорот и како научник и како личност. Како што посочува доц. Маја Иванова од Кирило-Методиевскиот центар, ваквите изложби посветени на видни палеослависти и палеобугаристи стануваат убава традиција во рамките на колоквиумот.

