До 15 јули Фондот ќе рефундира пари за Клексани, од први јули тие се на позитивната листа на лекови
Позитивната листа на лекови од први јули е прошиена со три антикоагуланти, Еноксапарин (Клексан), Надопарин и Ривароксабан кои треба да бидат достапни на рецепта во секоја аптека. Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, вели дека иако веќе се на позитивната листа на лекови и за нив пациентите плаќаат само партиципација, системот со рефундирање ќе остане во функција до 15 јули.
„Бидејќи преминуваме од еден систем во друг, свесни сме дека на терен има одредена инертност и забавеност со набавките. Токму затоа, за да не останат пациентите без терапија додека системот целосно не профункционира во секоја локална аптека, системот на рефундација ќе продолжи да важи и ќе биде активен до 15 јули. Значи, граѓаните кои во овој меѓу период нема да можат да го најдат лекот на рецепт во аптеките поради нивната инертност за навремено ажурирање на залихите, сè уште ќе можат да го купат приватно и да поднесат барање за рефундација на средствата до Фондот заклучно со 15 јули. По овој датум, лековите ќе се подигнуваат исклучиво на рецепт со пропишаната партиципација“, рече денес директорот Клековски.
Од Еноксапаринот се достапни два бренда, од Надопаринот е достапен еден бренд и од Ривароксабанот во почетниот период ќе биде достапен еден бренд.
Клековски појасни дека Еноксапаринот и Надопаринот беа достапни со рефундација, но отсега понатаму ќе бидат достапни на позитивна листа, со рецепт.
„Овие два антикоагуланти се во рангот од 1.100 до 2.700 денари – ценовен ранг во зависност од дозажата и големината на терапијата. Сега ќе биде достапна за партиципација од 160 до 240 денари и еден од брендовите ќе биде достапен без доплата. Ова морам да го нагласам, значи, едниот бренд ќе биде без доплата, вториот бренд ќе биде со доплата, меѓутоа, осигурениците имаат можност да изберат“, рече директорот Клековски.
Третиот антикоагулант, Ривароксабанот, е за првпат на позитивна листа. За него досега пациентите плаќаа од 2.000-2.200 денари, а сега веќе е достапен со партиципација од 160 денари.
„Во почетниот период ќе има доплата од 105 до 505 денари во зависност од дозажата и бројот на таблети. Во најчесто користената дозажа, тоа се 10 милиграми по 30 таблети, заштедата на граѓаните ќе биде 1.752 денари. Од 1 јануари 2027 овој лек ќе биде достапен без доплата, само со партиципација“, вели директорот Клековски.
За промените се известени аптеките и матичните лекари, но доколку граѓаните повторно не можат на рецепт да купат некој од трите антикоагуланти Клкевски повика веднаш да пријават на инфо-мејлот во Фондот.
