| |

БПЦ го покани вселенскиот патријарх Вартоломеј да ја посети Бугарија

Светиот синод на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија го покани вселенскиот патријарх Вартоломеј да ја посети Бугарија, соопштија од Бугарската патријаршија, пренесува БТА.

Одлуката била донесена на редовна седница на Светиот синод на 26 јуни 2026 година. Патријархот Вартоломеј е поканет да учествува во свеченостите што ќе се одржат од 16 до 20 октомври, по повод 1150 години од раѓањето и 1080 години од упокојувањето на свети Јован Рилски Чудотворец, небесен покровител на бугарскиот народ.

Поканата му била предадена во Истанбул од црковна делегација предводена од Русенскиот митрополит Наум, во состав со Мелнишкиот епископ Герасим, главен секретар на Светиот синод, и д-р Александар Смочевски. Делегацијата му пренела и поздрав од бугарскиот патријарх Даниил и од Светиот синод.

Средбата се одржала во храмот „Света Недела“ во Кондоскали, каде што била отслужена свечена света литургија по повод празникот на света Недела.

Во обраќањето кон бугарските пратеници, вселенскиот патријарх Вартоломеј истакнал дека двете цркви се поврзани со „свештени и нераскинливи врски“ на заедничката вера и љубов, која, според апостол Павле, „никогаш не отпаѓа“.

Во писмото на Светиот синод се наведува дека духовното наследство на свети Јован Рилски е дел од заедничкиот византиско-словенски црковен и културен простор и претставува „една од живите духовни врски“ меѓу Бугарската православна црква и Вселенската патријаршија.

Од БПЦ-БП најавуваат дека целосната програма и деталите за свеченостите ќе бидат соопштени дополнително.



Слични Објави