ЛДП: Џебот на граѓаните најважен, бараме итен спас на ЕУ милионите во присуство на Марта Кос
Според ЛДП, денешното утро е клучен момент за иднината на РС Македонија. За само неколку часа во државава, потсетуваат од оваа партија, пристигнува еврокомесарката Марта Кос, во денови кога, као што велат, судбината на парите од Европската Унија наменети за македонските граѓани виси на конец поради политичка неодговорност и партиски пазарења.
„Либерално-демократската партија излегува со јасен, конкретен и итен предлог до Собранието: бараме уште денес, на консензуален начин, пратениците итно да ги усвојат измените на Изборниот законик, но само во делот на техничките барања и препораките предложени од ОБСЕ и ОДИХР. Не смееме да дозволиме ниту едно евро предвидено за Македонија да биде блокирано поради внатрешни политички калкулации“.
ЛДП инсистира, додаваат од партијата, ниту евро од сиромашниот македонски граѓанин да не биде доведено во прашање поради политичката неспособност за изнаоѓање компромис. Според ЛДП, не смеат политичките и партиските интереси да бидат пред и над џебот на Македонецот или на било кој граѓанин во државата, кој и без тоа плаќа огромни давачки, а има најниски плати и стандард во регионот.
Порачуваат владеачкото мнозинство и Владата веднаш да престанат да играат политички игри и да провоцираат блокада на носењето на измените на изборниот закон во делот на измените кои се чисто технички. Бараат уште денес, преку Министерството за правда, во Собранието да се поднесат овие измени на изборните правила кои се побарани од Европската Унија, тие веднаш да се стават на гласање и да се усвојат со консензус пред да замине комесарката Марта Кос. „ЕУ преку еврокомесарката мора да се врати во Брисел со сознание дека политичарите во Македонија реално работат за македонскиот народ и граѓани.
Но, должни сме пред јавноста да ја кажеме и целата, брутална вистина, тргајќи ги настрана евтините политички соопштенија. ЛДП јавно предупредува: само со донесувањето на Изборниот законик, Македонија НЕМА да успее да ја повлече целата транша од парите од Планот за раст! Овие технички измени спасуваат само еден поединечен износ од околу 4 милиони евра дефиниран за оваа изборна реформа, со што ја тргаме вината од себе пред Брисел. Но, огромната сума од над 70 милиони евра сепак ќе остане замрзната во Брисел сè додека паралелно не се реши и правосудниот паке“.
Европската комисија, појаснуваат од ЛДП, функционира по строг принцип на условеност во клучниот кластер „Темели“ (Fundamentals). „Ако паднеме на најважниот испит – правосудството – не можеме да ја минеме годината само затоа што сме донеле технички измени во изборните правила. Затоа, бараме итни гаранции од нашата влада дека ќе се однесува максимално одговорно и за другите клучни реформи – вклучително и четирите закони за правосудството кои бараат двотретинско мнозинство – за да не се изгуби ниту еден единствен цент од парите предвидени од Реформската агенда“.
Што се однесува до суштинските политички измени во изборниот модел, ЛДП бара дијалогот меѓу партиите да продолжи веднаш по заминувањето на комесарката, со цел да се донесат правила кои ќе значат поголема правичност, отвореност, рамноправност и над сè – сувереност на народот.
ЛДП, потенцираат, не се откажува од своите црвени линии, кои се воедно и црвени линии на 1,5 милион граѓани во државата: една изборна единица и отворени листи.
„Ќе продолжиме цврсто да инсистираме на нашите логични и корисни предлози, но во моментов, во овие неколку часа на одлука, не прифаќаме да се ставаат прсти во плиткиот џеб на нашите сограѓани кои живеат во Македонија. Никаков изговор од никого за негласање на овој предлог за техничките измени нема да биде прифатен од жителите на Македонија, затоа што секое кочење во овој момент директно придонесува за нивната сиромаштија. Време е за одговорност пред сопствениот народ“.
