Во Софија ќе се одржи Летна школа за кирилицата во средновековните јужнословенски земји
Летната школа по словенска палеографија „Кирило-методиевско наследство: Кирилицата во средновековните јужнословенски земји“ ќе се одржи во Софија од 27 јули до 2 август 2026 година.
Настанот го организира Кирило-методиевскиот научен центар при Бугарската академија на науките, во соработка со Институтот за математика и информатика при БАН и Центарот за словенско-византиски проучувања „Проф. Иван Дујчев“ при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“.
Програмата ќе им овозможи на учесниците да стекнат практично искуство во областа на словенската кирилска палеографија преку современи аналитички методи и актуелни истражувачки пристапи. Предвидени се предавања за историјата на словенската писменост и развојот на кирилицата, како и работилници и практична анализа на ракописи и писмовни практики.
Во рамки на школата ќе бидат организирани и активности за запознавање со Софија и нејзините културни и историски знаменитости.
Школата е наменета за студенти на додипломски, магистерски и докторски студии со интерес за средновековните словенски истражувања.
