Што ни кажува официјалниот говор на омраза во Србија?
Иван Николов/БГНЕС
Во Србија толку сме навикнати на говорот на омраза што речиси никој не беше особено вознемирен од изјавата на министерката за државна управа и локална самоуправа во Владата на Србија, г-ѓа Снежана Пауновиќ, која во телевизиска емисија изјави дека, доколку таа била на местото на Слободан Милошевиќ во 1998 година, етнички ќе го исчистела Косово.
Дел од опозицијата во српскиот парламент побара нејзино итно разрешување поради „говор на омраза и расистички однос кон Албанците“.
Поостри реакции пристигнаа од портпаролката на Европската комисија, Анита Хипер, според која „во Европа не би требало да има место за реторика што го оправдува и заговара етничкото чистење“. Таквите изјави не се во согласност ниту со обврските што Србија ги презела во однос на дијалогот со Косово.
Поради оваа изјава, косовските власти ја прогласија Снежана Пауновиќ за персона нон грата и трајно ѝ забранија влез и транзитно минување низ територијата на Косово.
Студентското движење, исто така, реагираше преку социјалните мрежи, нагласувајќи дека не постои ниту историско, ниту политичко, ниту лично оправдување за етничко чистење, кое е спротивно на Уставот, човековите права и достоинството на секој човек.
Овие реакции министерот за внатрешни работи и вицепремиер на Србија, Ивица Дачиќ, кој воедно е и лидер на Социјалистичката партија на Србија, ги оцени како „срамни и лицемерни“ и ја сврте тезата против Албанците, кои наводно протерале 240.000 Срби од Косово. Значи, косовските Албанци се одговорни за етничкото чистење на Косово од Срби, а не обратно!?
Повеќето српски аналитичари сметаат дека Пауновиќ само јавно го кажала она што го мислат повеќето луѓе во власта. Со големо задоцнување, Вучиќ изјави дека нејзиното искажување „не ја одразува ниту неговата волја и политика, ниту политиката на Владата на Србија“ и дека тоа било „неодмерено и недоволно одговорно“.
Всушност, во јавниот простор, дури и кога Милошевиќ се осудува, тој не се осудува затоа што ја започнал војната за етничко чистење на Косово, туку затоа што ја загубил, заедно со територијата на Косово. Смислата на овие изјави е дека, доколку некој друг ја започне истата војна на поинаков начин, можеби ќе успее и да ја добие. Графитите со Ратко Младиќ и натписите „Кога војската ќе се врати на Косово“ воопшто не се случајни. Исто како што не е случајно ниту интензивното превооружување на српската војска.
Самиот факт што министри го величаат етничкото чистење, кое претставува едно од најтешките кривични дела, без да бидат свесни дека целиот југословенски и српски воен и полициски врв беше осуден во Хаг токму за етничко чистење, е мошне показателен. Поради вакви изјави, во секоја демократска држава министерот би поднел оставка, а владата би паднала, но во Србија сè стивна за два-три дена.
Директорот на Центарот за практична политика, Драган Поповиќ, смета „дека ова е само доказ оти етничкото чистење што го спроведе Милошевиќ не претставува проблем за власта и дека, доколку некој друг започне некое ново етничко чистење, ни тоа нема да биде проблем. Проблематично е само кога тоа јавно ќе се каже“.
Говорот на омраза и физичкото насилство во српското општество опасно се разгоруваат. Власта веќе не се ни обидува да ја скрие својата вистинска природа. Тоа особено се покажа преку насилството врз студентите што протестираат, новинарите и интелектуалците со проевропски профил, кои, поради застапувањето на демократските принципи и вредности, се почувствуваа толку загрозени што беа принудени да ја напуштат земјата. Се покажа и при слабо посетените комеморации за жртвите во Сребреница, како и при нападот врз писателот Владимир Арсениевиќ во центарот на Белград по тој повод.
Радикализацијата на јавниот наратив го доведе општеството до работ на вербална и физичка пресметка.
Според воената доктрина, говорот на омраза, дехуманизирањето и сатанизирањето на противникот до степен што го оправдува неговото уништување се дел од подготовките за сплотување и обединување на нацијата за воени цели. Тоа јасно го видовме во предвоените периоди во Босна, Хрватска и Косово. Постојат и многубројни историски примери.
Токму затоа не треба лесно да се премолчуваат сè почестите појави на говор на омраза на официјално ниво, без оглед на тоа дали станува збор за Косово, Босна, Хрватска, Црна Гора или Бугарија. Одбележувањата во Сурдулица, Куманово, Кајмакчалан и на други места, во практиката ги продолжуваат старите војни со нови средства, но со истите цели.
