Средба Радев-Захариева: Бугарија работи на реиндустријализација и развој на иновативна економија
Бугарија работи на зацврстување на своето место во реиндустријализацијата на Европа и на развој на иновативна економија со висока додадена вредност. Ова го изјави премиерот Румен Радев на средбата со европската комесарка за стартапи, истражување и иновации, Екатерина Захариева, соопшти владината прес-служба, пренесува БТА.
Радев ја истакна амбицијата на Бугарија за индустриска и технолошка конвергенција во Европската Унија и за обезбедување рамноправен пристап на помалите земји членки до ресурсите на новиот Европски фонд за конкурентност.
Фондот е еден од главните столбови на следната Повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ. Неговата цел е да придонесе за надминување на европското заостанување во иновациите во однос на водечките светски конкуренти, да ги намали стратешките зависности и да ја зголеми конкурентноста на европската економија.
Во овој контекст, Захариева ја нагласи потребата ЕУ да создаде поповолни услови за развој на иновативните компании во Европа. Според неа, на тој начин треба да се ограничи тенденцијата високотехнолошките компании и талентите да ја преместуваат својата дејност на пазари што нудат попривлечни можности за финансирање и раст, вклучително и во Соединетите Американски Држави.
Како можна мерка, Захариева го посочи создавањето единствен пазар на капитал во ЕУ, кој би го поттикнал финансирањето на истражувачко-развојните активности и би обезбедил средства потребни за стартап-компаниите.
Меѓу главните теми на средбата биле и значењето на конкурентноста и иновациите за развојот на Бугарија, подготовката на следната Повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ, иднината на програмата „Хоризонт Европа“, како и улогата на националните и регионалните власти во изградбата на одржливи екосистеми за научни истражувања, иновации и развој на стартапи.
БТА потсетува дека европската комесарка за стартапи, истражување и иновации, Екатерина Захариева, денеска престојува во работна посета на Бугарија и дека ќе се сретне и со претседателката Илијана Јотова.
