|

Мицкоски: Ориентирани сме кон современо здравство, оваа година рекордно издвојување од над милијарда евра

Како Влада сме ориентирани да направиме современо здравство, оваа година имаме рекордно издвојување од над милијарда евра за здравството и потребите на граѓаните за здравствени услуги, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, кој денеска беше во посета на Клиничката болница во Битола.

„Би сакал да кажам дека здравството е еден од врвните мои лични приоритети, но и приоритети на Владата. За жал, тоа е процес којшто бара време, бара енергија, трпение, но најмногу од сè бара пари, затоа што тоа што е уништувано со години, да бидам попрецизен со децении, за жал преку ноќ не можеме да го исправиме. Како Влада оваа година рекордно издвојуваме веќе повеќе од 1 милијарда евра за здравството и потребите на граѓаните за здравствени услуги. Морам да признаам дека сè што можеме да направиме од страна на Владата во периодот што помина и тој што следи ќе го направиме. Ваков тип на проекти за мене импресионираат и јас навистина честитам на директорката и на вработените во Клиничката болница во Битола“, рече Мицкоски.

Тој кажа дека ова е само почеток и дека целта е целосно реновирање на болницата.

„Одиме чекор по чекор до екипирање и од човечки капацитет, но и од оној другиот преку опрема, апаратура неопходни за да се дадат здравствените услуги на граѓаните, она што им е потребно. Досега успеавме дел од тоа што недостасуваше да го обезбедиме, но и отсега со несмалена динамика ќе продолжиме во таа насока“, рече Мицкоски.

 

Слични Објави