| |

Се пушта во употреба нов дел од третата линија на софиското метро

Денеска официјално се отвора новиот, околу три километри долг дел од третата линија на софиското метро, од станицата „Хаџи Димитар“ до населбата „Левски Г“. Редовниот сообраќај со патници ќе започне во 12:00 часот, јавува БГНЕС.

Новата делница опфаќа три метростаници – „Стадион Георги Аспарухов“, „Бесарабија“ и „Ген. Владимир Вазов“. Проектот треба да обезбеди побрза транспортна врска за жителите на „Подујане“, „Хаџи Димитар“, „Сувата Река“ и „Левски“, а се очекува автомобилскиот сообраќај во реонот да се намали до 25 проценти.

Инвестицијата изнесува 282,3 милиони лева без ДДВ, односно околу 144,3 милиони евра, и е реализирана со финансиска поддршка од Националниот план за закрепнување и одржливост.

Пред пуштањето во редовен сообраќај ќе се одржи официјална церемонија со учество на градоначалникот на Софија Васил Терзиев, извршниот директор на „Метрополитен“ Николај Најденов и проф. д-р Стојан Братоев.



Слични Објави