| |

Бугарските европратеници бараат итна реакција од ЕУ за случајот со Ива Михаилова

Сите бугарски пратеници во Европскиот парламент упатија заеднички итен апел до раководството на Европската Унија со барање за интервенција во случајот со 22-годишната Ива Михаилова, која има бугарско и македонско државјанство и, според нив, е спречена од властите во Северна Македонија да замине на неопходно лекување во странство, јавува Актуално.

Во писмото, за кое информираа европратениците Андреј Ковачев и Ивајло В’лчев, се наведува дека Михаилова се здобила со тешки повреди на ’рбетниот столб во сообраќајна несреќа во октомври 2025 година.

Во јули 2026 година, медицински конзилиум во Универзитетскиот клинички центар во Скопје утврдил дека потребната интервенција не е достапна во Северна Македонија и дека е неопходно лекување во странство, се наведува во писмото.

Сепак, на 7 август Основниот суд во Кочани го одбил барањето за привремено враќање на нејзиниот одземен пасош. Според бугарските европратеници, судот го променил стандардот за докажување откако претходно побарал токму медицинско мислење за потребата од лекување во странство.

Бугарските членови на Европскиот парламент оценуваат дека случајот претставува пред сè итна хуманитарна ситуација, со реален ризик од трајни невролошки последици, но истовремено отвора и прашања за функционирањето на правосудниот систем во Северна Македонија.

Во писмото се посочуваат и наводни процедурални неправилности, меѓу кои и постапување против единствениот директен очевидец откако тој дал исказ во корист на Михајлова.

Европратениците бараат од институциите на ЕУ итно да интервенираат пред властите во Скопје за да ѝ биде овозможено привремено патување во странство за медицински третман, со соодветни гаранции за нејзиното враќање.

Тие бараат и внимателно следење на судските постапки, почитувањето на правата на одбраната и наводите за заплашување на сведоци, како и официјално објаснување од македонските власти за промената на доказните стандарди во конкретната постапка.

Бугарските европратеници повикуваат случајот да биде земен предвид и во мониторингот на Европската комисија за независноста на судството и владеењето на правото во процесот на пристапување на Северна Македонија кон ЕУ.

Тие бараат и уверување дека бугарската национална идентификација и бугарското државјанство на Ива Михаилова не влијаеле врз начинот на кој таа била третирана во судската постапка.

„Почитувањето на независноста на судството не може да го оправда молкот на институциите кога граѓанин на ЕУ е соочен со ризик од неповратни физички последици и повреди на основните права“, се нагласува во апелот.

Писмото е потпишано од сите бугарски членови на Европскиот парламент и е адресирано до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, еврокомесарката за проширување Марта Кос, генералниот директор на Генералниот директорат за проширување Герт-Јан Копман, амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија Михалис Рокас, претседателот на Европскиот суд за човекови права Матиас Гијомар и амбасадорите на земјите членки во Корепер 2.

Пред неколку дена бугарската претседателка Илијана Јотова изјави дека повторно ќе го постави прашањето за лекувањето на Ива Михаилова пред Владата на Северна Македонија и пред претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Слични Објави