Градоначалникот на Бургас Димитар Николов: „Евровизија 2027“ е само почетокот, целта е рекордно домаќинство
Градоначалникот на бугарскиот град Бургас Димитар Николов изјави дека изборот на градот е само почеток на подготовките и дека претстои интензивна работа во координација со државните институции, БНТ, транспортниот и туристичкиот сектор и безбедносните служби, јавува БГНЕС.
„Нè чека страшно многу работа“, рече Николов, посочувајќи ги транспортот, авионските врски, сместувањето, безбедноста и медицинската грижа како главни организациски предизвици.
Бургас во својата кандидатура ги истакна „Арена Бургас“, меѓународниот аеродром и повеќе од 150.000 места за сместување во над 450 хотели во градот и регионот. Николов ги повика туристичките компании да не ги зголемуваат неоправдано цените за време на натпреварот.
До финалната фаза за избор на домаќин стигнаа Бургас и Софија, додека Пловдив и Варна претходно отпаднаа од постапката по оценката на техничките услови.

