Ќерката на Спаска Митрова е примена на студии по медицина во Софија
Сузана успешно го заврши образованието во софискиот Образовен комплекс „Цар Симеон Велики“, откако во изминатите години добиваше поддршка за своето образование и развој во Бугарија од д-р Милен Врабевски и Фондацијата „Бугарска памет“, јавуваат од Фондацијата.
Сузана, ќерката на починатата Спаска Митрова, е примена на студии по медица во Софија. Овој настан претставува среќно продолжение на една животна приказна која со години беше следена од јавноста и во Бугарија и во Република Северна Македонија.
Името на Спаска Митрова стана симбол за многу Бугари од двете страни на границата. Таа повеќепати изјавуваше дека била изложена на притисоци и неправеден однос поради својата бугарска национална самосвест – тврдења поради кои нејзиниот случај стана една од најдискутираните теми поврзани со правата на Бугарите во Република Северна Македонија.
По разводот со сопругот, Спаска водеше долготрајна битка за правото да биде со своето дете, минувајќи низ тешки судски постапки, периоди на разделеност од Сузана, па дури и престој во затвор.
Откако најтешките битки останаа зад неа и мајката и ќерката повторно успеаја да живеат заедно, Спаска Митрова почина во јуни 2020 година.
По смртта на мајка си, Сузана пристигна во Бугарија заедно со својата баба. Во тој тежок период поддршка на младата девојка ѝ даде д-р Милен Врабевски, кој презеде лична обврска за нејзиното образование и развој во земјата и ѝ обезбеди целосна стипендија за школување во основаниот од него приватен Образовен комплекс „Цар Симеон Велики“.
Сузана остана во Бугарија под закрила на д-р Врабевски и Фондацијата „Бугарска памет“. Потоа следуваше долготраен процес за конечно регулирање на нејзиниот статус во земјата, кој, со помош на бугарските институции и адвокатите на фондацијата, заврши успешно.
Денес Сузана веќе има бугарско државјанство и успешно го заврши средното образование во Образовниот комплекс „Цар Симеон Велики“.
Следниот чекор на нејзиниот пат веќе е факт – Сузана е примена на студии по медицина во Софија, избирајќи професија посветена на помагањето на луѓето.
По сите искушенија низ кои поминаа таа и нејзината мајка, ова не е само личен успех. Ова е доказ дека кога едно дете ќе добие шанса, поддршка и средина за развој, може да ја претвори болката од минатото во сила за иднината.
Честитки, Сузана, и многу успех на патот кон лекарската професија, велат од Фондација „Бугарска памет“.
