(Видео) Белоградчишките карпи и „Калето“ – спој на природата и историјата
Белоградчишките карпи и тврдината „Калето“ се меѓу највпечатливите туристички знаменитости во северозападна Бугарија, каде што природниот феномен е неразделен дел од историскиот одбранбен комплекс, јави БГНЕС.
Карпите се протегаат во должина од околу 30 километри и ширина до пет километри, а некои масиви се високи над 200 метри. Нивното обликување започнало пред повеќе од 230 милиони години, додека црвеникавата боја потекнува од железни оксиди и хидроксиди.
Тврдината била изградена во III век како римска набљудувачница и стратешки пункт. Во XIV век видинскиот владетел Иван Срацимир ја проширил, а меѓу 1805 и 1837 година била модернизирана за употреба на огнено оружје, со учество на француски и италијански инженери.
Комплексот денес опфаќа три тврдински дворови со површина од над 10 декари и ѕидови високи до десет метри. Воената употреба завршила по Српско-бугарската војна во 1885 година.
Тврдината и карпите имаат статус на споменик на културата од национално значење и се отворени за посетители во текот на целата година.
