Бугарските уметници Илија Тројанов и браќата Владигерови ќе го претстават Балканот во слики, зборови и звуци во Виена
Литературата, фотографијата и музиката ќе се спојат во разговор за Балканот, Европа и идентитетот на 15 октомври во Виена, објави блогот на Бугарите во Австрија „Melange Bulgaren“, пренесува Радио Бугарија.
Писателот Илија Тројанов и музичарите Александар и Константин Владигерови ќе го претстават културното многообразие на регионот преку проектот „Балканот во слики, зборови и звуци“. Проектот е заснован врз книгата на Тројанов и фотографот Кристијан Мурбек „Таму каде што Европа завршува и повторно започнува“.
Извадоци од книгата и фотографии ќе бидат придружени со музика што ги спојува балканските традиции, импровизацијата и современите влијанија. Ќе настапат и Јонка Драгоманска на вокал, Димитар Карамитев на кавал и Марија Петрова на тапан.
Настанот ќе започне во 18:30 часот во „Raum Salmgasse“, во третиот виенски округ. Влезот е слободен, а се препорачува претходна регистрација.

