Жешкиот август во 1886 година и „Бугарската криза“
Проф. д-р Пламен Павлов/Труд
Во два часот по полноќ, ноќта меѓу 8/20 и 9/21 август 1886 година, група офицери, предводени од началникот на Военото училиште во Софија, мајор Петар Груев, и капетаните Анастас Бендерев, Радко Димитриев и Георги Вазов, извршиле државен удар — опасна авантура во чија организација непосредно биле вмешани воениот аташе, полковник Сахаров, и други руски дипломати. Претходно, воените единици лојални на кнезот биле повлечени од престолнината. Во акцијата учествувале питомците од Военото училиште, Струмскиот полк и Артилерискиот полк. Со револвер во раката, Радко Димитриев го принудил кнезот да ја потпише својата абдикација, по што бугарскиот државен поглавар, под придружба, бил испратен во Русија.
Државниот удар бил предизвикан не толку од традиционалното соперништво меѓу бугарските партии, колку од вмешувањето на Руската Империја и на бугарските офицери поврзани со неа. Настаните се добро познати благодарение на Симеон Радев, Димитар Маринов и други современици, како и од зборникот документи „Авантурите на рускиот царизам во Бугарија“, објавен во Москва во 1935 година. По Втората светска војна, великодржавната политика на Москва сè повеќе ја следела политиката на осудуваниот „царизам“, така што книгата станала непожелна… Таа повторно стигнала до рацете на бугарскиот читател дури во 1991 година.
Она што се случило на 9 август 1886 година било неочекувано за бугарското општество, наспроти еуфоријата предизвикана од Соединението (6 септември 1885 година) и решителната победа во Српско-бугарската војна што следувала. Овие настани го издигнале угледот на младата држава и на нејзиниот кнез, но таа ја немала поддршката на ниту една од „Големите сили“. Напротив, не по своја волја си „спечалила“ подмолен противник — во Петербург продолжиле да ја сфаќаат Бугарија како послушна марионета, па дури и како база за освојување на посакуваниот Цариград…
Империјата била крајно незадоволна од новиот стил на независна политика, чие олицетворение станал кнезот Александар. Особено силна била раздразнетоста на императорот Александар III, кој уште од нивните младешки години не го „сакал особено“ својот братучед… Руската позиција била определувачка за таканаречените умерени либерали на Драган Цанков и за румелиската Народна партија (таканаречените „лажни соединисти“), додека либералната фракција околу д-р Васил Радославов и нејзините пловдивски истомисленици цврсто стоеле зад кнезот. Против потчинувањето на руските империјални интереси биле и приврзаниците на Петко Каравелов и Стефан Стамболов. Во тие денови и месеци се појавила поделбата на „русофили“ и „националисти“, како што се изразил Симеон Радев. На втората категорија пропагандата тенденциозно ѝ ја пришила етикетата „русофоби“.
Откако не успеала да го отстрани кнезот Александар по легален пат, руската страна решила тоа да го стори со сила. Во дипломатската преписка била промовирана идејата за воена окупација на Бугарија и за назначување императорски комесар во Софија (!), што, сепак, би предизвикало негативна реакција од „Големите сили“. Поради тоа, во целосна спротивност со Трновскиот устав, во политичката борба под руски диктат била вовлечена малобројна, но влијателна група бугарски воени лица.
Повеќето биле школувани во Русија, додека други биле незадоволни од оцената на нивните заслуги во Српско-бугарската војна и од одредени кадровски назначувања. „Хибридната“ пропаганда пуштила гласина за нова, подобро организирана српска агресија, која можела да биде спречена единствено од рускиот император. Истовремено, Александар III им наредил на своите дипломати да преземат „решителни дејства во Бугарија“.
Во арсеналот на овие дејства влегувале како интригите, така и великодушните „донации“ во парични износи и ветувањата за идни придобивки. Како што напишал кон крајот на 1885 година дипломатскиот агент во Софија, Александар Којандер, до своите претпоставени, „за почеток“ на Драган Цанков требало да му бидат доделени 10–12 илјади франци за „…лична помош, а потоа ќе можеме да му обезбедуваме и средства за водење на борбата против неговите политички противници…“ На 7 јануари 1886 година предлогот бил одобрен од „господарот император“ и парите биле дадени. И не само на Цанков, и не за последен пат…
Колку и да изгледа парадоксално, со вмешувањето во Бугарија лично се занимавал Александар III! Така, на пример, извештајот на амбасадорот во Цариград, Александар Нелидов, до Министерството за надворешни работи, во кој детално бил разработен планот за отстранување на Батенберг, бил посебно коментиран од императорот — тој со молив подвлекол одделни пасуси и своерачно наредил: „Да се одобри оваа програма! Безусловно!“ Самиот државен удар делумно бил финансиран со руски средства. Еве само еден пример — во телеграма од 9/21 август, дипломатскиот агент во Софија, Богданов, известил дека им доделил на превратниците „…55 илјади франци, потребни за заминувањето на кнезот, како и за други трошоци поврзани со тоа“. Постојат податоци и за други исплати, односно корумпирањето на бугарската политичка и воена елита од страна на руската држава не е од вчера…
По наредба на своите руски покровители, извршителите на државниот удар се обиделе да наметнат влада со министри од различни партии. Обидот бил неуспешен — мнозинството Бугари и нивните политичари биле против претворањето на Татковината во „Задунайская губерния“. По руска сугестија, извршителите на државниот удар се обиделе да наметнат влада составена од русофили, на чело со митрополитот Климент, меѓу кои бил и Драган Цанков. Меѓутоа, кабинетот не бил во состојба да ги преземе своите функции, а тројца од предложените министри одбиле да учествуваат.
Веднаш по државниот удар започнало решително спротивставување, предводено од претседателот на Народното собрание, Стефан Стамболов. Во тој „одморски“ период тој се наоѓал во родното Трново, од каде што лично го организирал отпорот со помош на телеграфот на железничката станица… Решавачка улога одиграле офицерите од пловдивскиот гарнизон, предводени од мајор Сава Муткуров, кои биле поддржани од командантите на повеќето воени единици во земјата. Митрополитот Климент и неговата влада биле обвинети за велепредавство. Стамболов го назначил Муткуров за главен командант на војската и му наредил да тргне кон Софија.
На 12/24 август била формирана привремена влада на чело со Петко Каравелов, која опстанала само четири дена. Сепак, министерот за војна, мајор Олимпиј Панов, и покрај своите проруски убедувања, спречил вооружен судир меѓу двата табора, убедувајќи ги превратниците да ги напуштат Софија и земјата. Во отсуство на шефот на државата, во Софија бил прогласен Регентски совет, во кој влегле Петко Каравелов, Стефан Стамболов и мајор Константин Никифоров, а Стамболов му испратил телеграма на Батенберг со покана да се врати во Бугарија. На 16/28 август била формирана нова влада, предводена од д-р Васил Радославов, која управувала до јуни следната година — знак за започнатата стабилизација во Софија. По извесно колебање, кнезот Александар се вратил во Бугарија, откако му испратил писмо на Александар III, барајќи ја неговата согласност.
По грубото одбивање на императорот, на 25 август/6 септември Батенберг, кој не сакал да ја изложи Бугарија на уште посериозен ризик, абдицирал по вторпат… Пред да замине од Софија, тој назначил ново намесништво во состав: Стамболов, Каравелов и Муткуров. Сепак, со оглед на нејзиното уредување како уставна монархија, земјата западнала во сложена ситуација, која европската дипломатија ја нарекла „Бугарската криза“. Русија преминала кон уште побрутално вмешување — во септември во Софија, како специјален пратеник на Александар III, пристигнал генералот Николај Каулбарс, а месецот се покажал не помалку „жежок“ во политичка смисла. За несреќната мисија на Каулбарс, сепак, ќе потсетиме во друга „епизода“ од оваа серија.

