Македонизмот против Македонците
Став на Никица Корубин
Свежо “разбудената” грижа за се’ што е македонско низ соседството, во “чиста” форма на апсолутно монополизирање, односно присвојување од наша страна, е очигледно последниот, најжесток удар на нашата нормализација како европска држава. Примамлив, сладок и вкусен, завиен во обландата на романтизмот на македонскиот мит, и наводна грижа за идентитетот, ги таргетира емоциите, несвесното и припадноста; но не за да обедини, туку за да уништи. Да ја уништи шансата да останеме автентична држава и да станеме функционален политички систем.
Дали окуражени од војната на европско тло, и начнатиот светски правен поредок, осилени од “менторот и авторитетот” кој се копира на дневна основа, длабоко навлегуваме во пеколниот круг на она од кое што наводно бегаме: туѓи интереси. И притоа намерно заборавајќи го и уништувајќи го патот по кој станавме независна држава.
Затоа, да се потсетиме. Република Македонија станува независна држава на 8 септември 1991 година, после референдум кој од старт ни ја става “невидливата јамка”: Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверените држави на Југославија? Можеме да го сметаме и како итар и брилијантен потег, за воопшто да можеме да помислиме на независност, што од денешен аспект воопшто не делува претерано.
На 15 јануари 1992 година, Република Бугарија прва ја признава независноста на Република Македонија, на истиот ден кога Бадентеровата комисија потврдува дека се исполнети условите за меѓународно признавање на државата. Стануваме членка на Обединетите нации на 8 април 1993, врз основа на резолуцијата 817 на Советот за безбедност под привремената референца БЈРМ, се’ до решавањето на спорот за името со Република Грција, со која први односи воспоставуваме со потпишувањето на Времената спогодба во 1995 година, во која треба да регулираме три клучни работи: името на државата, односно неможноста да имаме монопол над терминот “Македонија”, преамбулата на уставот и инсистирањето и имплицирањето на “Голема Македонија” и конечно немешање во внатрешните работи на соседите, односно прифаќање на “делење на македонското”, кое е составен дел на идентитетот, културата и историјата на Грција, Бугарија, а делумно и Албанија, како што е и наш сопствен идентитет, историја и култура, како современа држава и политичка категорија.
Република Албанија ја признава Република Македонија на 24.12.1993 година. Од соседите, а и севкупно меѓу последните Република Србија ја признава независноста на Република Македонија во април, 1996 година.
Кратко пред истекот на периодот од 7 години, во кој требало конечно да биде решен спорот за името со Грција, според Времената спогодба од 1995 година, е воениот судир во Република Македонија од 2001 година, кој завршува со мировен Охридски договор, за почитување на правата на Албанците и престанок на нивна системска и институционална дискриминација, наследена од поранешната СФРЈ. Спорот за името наместо за 7 е решен за 23 години, со потпишувањето на Преспанскиот договор на 17 јуни 2018 година, а стапен целосно на сила на почетокот на 2019 година, после уставните измени кај нас, со кој се регулираат трите клучни работи од почетокот на текстот, и ратификацијата во грчкиот парламент, со што е конечно заокружен и потврден нашиот статус во Обединетите нации. Претходно, како вовед во конечното решавање на спорот со Република Грција е Договорот со Бугарија од 1 август 2017, а ратификуван на 15 јануари 2018 година.
Ако направиме резиме, на нашиот пат изминатите речиси 32 години на независноста на денешна Северна Македонија, всушност суштинско политичко прашање е како ние ќе се поставиме и ќе го регулираме т.н. македонско прашање, односно како современата држава Северна Македонија ќе егзистира со соседите со кои го дели сопственото “македонство” на цивилизиран, современ, толерантен и немонополизирачки (југословенско-идеолошки) начин, на “историја базирана на факти”. И тоа е единствениот начин на кој можеме да постоиме како држава, и тоа е всушност со сите стратешки договори, внатре и надвор, единствениот начин на кој светот ја признава и прифаќа Северна Македонија, како независна држава со сопствен идентитет.
И затоа сите бајки, приказни, неоромантичарски занес, државно, јавно и институционално форсирани, промовирани и нафрлени; од партиско-политикатнски причини за јакнење на патриотизмот или одржување чекор со “традиционалните патриоти”; сиот монструозен површен инжињеринг, со малку факти и многу манипулација; сета брутална и накарадно нападна, а вистински површна грижа за Македонците и македонското во Грција и Бугарија (од јазик, преку човекови права, до културни права); цела ре-обновена “згрозеност” од албанскиот национализам и верскиот фанатизам, криминал и корупција; има една цел: уништување на можноста Северна Македонија да изгради свој сопствен наратив, одржлив за себе и за контекстот во кој постои, надвор од воспоставениот наратив после 1945 година.
Затоа што во “преголемата грижа” за македонското во Грција и Бугарија, всушност се крие суштинската негрижа за македонското во Северна Македонија, надвор од приматот и супериорноста на Македонците од Југославија. Од оваа перспектива, станува јасно што се случи таа 2019 година: се раскина последната политичка врска на Северна Македонија со “невидливата јамка”. Таа е се уште тука, ама е лабава. Дали ќе се стегне околу нас и ќе не загуши или ќе се тргне и ќе не ослободи, во голема мерка зависи и од самите нас. Дали ќе го пресечеме гордиевиот јазол или не.

