НЕШТО ОД ДЛАБОЧИНИТЕ

Понекогаш имаш свои замисли кои луѓето не ги разбираат. Им изгледаш лудо во обидот да направиш нешто што за нив е несфатливо. Ќе речат: “Џабе губиш време” … Понекогаш несвесно, а понекогаш и свесно те одвраќаат од замислата. Јас ги ценам малите работи, за мене е успех кога ќе видам дека луѓето се задоволни од начинот на кој ги третирам. Меѓутоа, си имам јас некои свои замисли, свои соништа кои не се остваруваат преку ноќ и кои не се остваруваат преку потчинување на систем кој полека создава робови… Не! Јас не сакам да бидам роб, и ќе се обидам како што знам и умеам да покажам и друга страна на нештата. Има моменти, се обесхрабрувам и мислам дека се е за џабе, посебно кога повеќемина ќе ми го повторуваат тоа на секое. Проклетство! Не ми помагајте со скали што одат само надолу… Ве молам оставете ме да си одам по патот и сама да откријам како е. Јас не сакам да се обесхрабрувам. Можеби ќе бидам одбиена 20 пати ама ќе пробам и по 21ви пат, и никогаш не сакам да престанам да пробувам и да се обидувам да го постигнам она што го сакам. Не ме одвраќајте од намерата, за мене е успех што се обидувам, успех е кога имам цел, колку и да е мала и безначајна во очите на другите.

Секој има различно гледиште за успех, зависи од сите околности и влијанија под кои личноста израснала. Сепак, се оформуваме како личности според околностите во кои сме израснале, но созреваме кога ќе се обидеме да ги промениме истите. Посветеноста кон она што човек го прави воопшто не е за потценување. Без поддршка се разбира дека нема напредок, освен, се разбира, ако издржиш под притисокот и сепак се избориш за себе и за своите права, желби и замисли. Напредокот понекогаш ќе биде во застој, ама да се откажеш е крајно неприфатливо. Обиди се, згреши, научи. Обиди се пак, овој пат можеби ќе направиш нова грешка ама никогаш повеќе нема да ја направиш претходната…. пак ќе научиш. Одиш… се обидуваш. Или ќе успееш или ќе научиш вредна лекција. Ама битно не стоиш в место, не стагнираш и не велиш: џабе е. Не им оставаш простор и време на гласовите во твојата глава кои ти зборуваат дека нема да успееш, затоа што просторот и времето ги користиш во обидите да дојдеш чекор поблиску до остварување на своите цели.

Можеби требаше да учам психологија, ама ете учев економија. И ја имам таа дрскост и таа храброст да не престанам да се обидувам, без разлика за што се работи. Комфортната зона воопшто не е комфортна. Тоа е место каде се давиш во неуспех и каде се лажеш себеси дека што и да направиш е џабе. Не! НЕ Е џабе, се додека се обидуваш и се додека си поставуваш цели ништо од тоа не е џабе. Џабе е да седиш и ништо да не правиш оти другите ти рекле дека обидите ти се за џабе. Добро сега, можеби не буквално со тие зборови, ама ми ја разбирате поентата.

Онака само сакав да си кажам што имам да кажам. Има некои работи што не можеш да ги изразиш во материјална противвредност. Можеш да им одредиш цена, ама секоја цена ќе биде смешна. Нели, најубавите работи во животот се бесплатни. Парите идат и си одат и никогаш не се доволни. Можеби не е лесно да имаш материјално обезбеден живот ама не е тешко да имаш среќен живот. И тука е битно како гледаш на работите. Некои луѓе не се свесни колку се среќни.

П.С. МНОГУ Е БИТНО ДА СИ ГО КАЖИШ СВОЕТО, ДУРИ И ТОГАШ КОГА МИСЛИШ ДЕКА НИКОЈ НЕ САКА ДА ГО СЛУШНЕ.

Автор: Милена Крстеска



Слични Објави