Бугарскиот дизајнер на принцезата Дајана ќе ги понуди на аукција нејзините писма за да помогне на деца без родители
Ганчо Тасков, единствениот Бугарин кој работел како дизајнер за принцезата Дајана, планира да ги понуди на аукција нејзините благодарници, а добиените средства ќе ги намени за деца без родители, јавува бугарскиот дневен весник 24 часа.
Тасков се запознал со принцезата во Мелбурн, каде што ѝ претставил три модни скици, а подоцна создал уште три вечерни тоалети. Според него, Дајана била скромна, природна и не им поставувала ограничувања на дизајнерите.
„Од неа научив да сочувствувам со болката на ближниот. Таа организираше добротворни настани, а тоа го правам и јас“, вели Тасков.
По нејзината смрт во сообраќајната несреќа во Париз на 31 август 1997 година, тој им испратил картичка со сочувство на нејзините синови Вилијам и Хари. Последниот контакт со Дајана го имал во 1988 година, а доверените лични разговори и натаму одбива да ги открие.
„Во целосна смисла на зборот, таа беше принцеза од народот и принцеза за народот“, вели Тасков.

