| |

Станков: За мене е голема чест што сум првиот бугарски дипломат кој добил Сертификат за признание од Македонската патриотска организација (МПО)

За мене е голема чест што сум првиот бугарски дипломат кој добил Сертификат за признание од Македонската патриотска организација (МПО), што ми беше врачен за време на 105. конгрес на организацијата во Кливленд, Охајо. Ова одликување го прифаќам пред сè како признание за пријателството, довербата и соработката што ги изградивме низ годините, како и за нашите заеднички напори за зачувување на богатото историско наследство на МПО. Ова на социјалната мрежа Facebook го објави генералниот конзул на Бугарија во Чикаго Светослав Станков, по повод признанието што го доби од МПО во САД и Канада на нивната 105-та годишна конвенција во Кливленд, Охајо.

„Во образложението за одликувањето посебно се истакнати поддршката за мисијата и активностите на организацијата, содејството за обезбедување поддршка од бугарските институции, учеството во проекти за зачувување на историското наследство, вклучително и преиздавањето на „Македонскиот алманах“ од 1940 година, како и поддршката за дигитализација и зачувување на историскиот архив на весникот „Македонска трибуна“.

Особено ги ценам зборовите на претседателот Николас Стефанов, со кои тој ги опиша нашите односи не само како институционална соработка, туку како пријателство засновано врз разбирање за значењето на историјата на организацијата и нејзината визија за иднината.

Му благодарам на Централниот комитет на МПО, на претседателот Николас Стефанов, како и на сите членови на организацијата за укажаната доверба, високата оценка и, пред сè, за пријателството во текот на овие години.

За мене, зачувувањето на историската меморија не е само поглед кон минатото. Тоа е инвестиција во иднината и начин идните генерации да ги познаваат документите, личностите и настаните што ја обликувале историјата на емиграцијата во Северна Америка.

Признанието обврзува. Продолжуваме заедно – за зачувување на историската меморија, за пријателството и за градење мостови меѓу луѓето и генерациите“, стои во објавата на генералниот конзул на Бугарија во Чикаго Светослав Станков.

Слични Објави