| |

Кос: Треба да провериме до кој степен Србија сè уште е сериозно посветена на европскиот пат

Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека по последните случувања во Србија треба да се преиспита колку земјата останува сериозно посветена на членството во Европската Унија. Таа за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ зборуваше и за погребот со воени почести на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, поради кој ја откажа посетата на Белград, јавува БГНЕС.

„Србија се наоѓа на крстопат. Треба да провериме до кој степен сè уште е сериозно посветена на европскиот пат“, изјави Кос, нагласувајќи дека процесот на пристапување подразбира соочување со минатото, помирување, владеење на правото и јасна стратешка ориентација.

Кос посочи дека прво ќе разговара со претседателката на Европската комисија, а извештајот за подготвеноста на ЕУ за прием на нови членки, кој треба да биде претставен кон крајот на септември, би можел да биде основа за дискусија на Европскиот совет во октомври.

Во врска со оддавањето почести на Младиќ, Кос порача дека „не може да се величаат луѓе кои им нанеле страдање на толку многу други“, нагласувајќи дека политичките лидери на Западен Балкан имаат одговорност да придонесуваат за помирување, а не за повторно отворање на раните од минатото.

Еврокомесарката истовремено рече дека е подготвена да направи сè што е можно Србија да остане на европскиот пат, но оти тоа зависи и од политичарите и од граѓаните на земјата.

Слични Објави