| |

Аеродромот „Васил Левски“ – Софија започна изградба на фотоволтаична централа

СОФ Конект почна изградба на фотоволтаична електроцентрала со моќност од 5 MW на територијата на аеродромот „Васил Левски“ – Софија, соопшти прес-службата на аеродромот. Произведената електрична енергија ќе се користи за сопствените потреби на аеродромот, јавува БТА.

Централата ќе има 8.300 соларни модули поставени на површина од околу 50.000 квадратни метри. Предвиден е и систем за следење и управување во реално време.

Проектот треба да биде завршен до крајот на годината, а во следната фаза е планирана и изградба на систем за складирање електрична енергија во батерии.

Изведувач на проектот е „Хидроенергијна компанија“ АД, наведуваат од аеродромот.

Фотоволтаичната централа е дел од мерките за намалување на емисиите на јаглерод и за зголемување на енергетската ефикасност. Целта е аеродромот „Васил Левски“ – Софија до 2036 година да постигне целосна декарбонизација.

Аеродромот е првиот во Бугарија што добил акредитација Ниво 4 – „Трансформација“, во рамки на меѓународната програма Airport Carbon Accreditation (ACA), соопшти прес-службата.

Минатата недела СОФ Конект пушти во употреба и нов систем за обработка на багажот на Терминал 2 на аеродромот во Софија, чиј капацитет е осум пати поголем од оној на претходниот систем.



Слични Објави