Во Софија започна форумот посветен на роботиката, автоматизацијата и вештачката интелигенција
Форумот за иновации во роботиката и автономните технологии Robotics Strategy Forum 2026 започна денеска во Софија Тех Парк под мотото „Во Бугарија се раѓаат и развиваат иновации“. Во фокусот на осмото издание се инженерството, роботиката и вештачката интелигенција, а Јапонија годинава е земја-партнер на настанот, јавува БТА.
Темата на форумот е „Ренесанса на бугарската индустрија. Инженерство, роботика и AI: новата улога на Бугарија“.
„Иднината не е нешто што го очекуваме, туку ја градиме тука и сега“, изјави на отворањето главната секретарка на Извршната агенција за поттикнување на малите и средните претпријатија, Јоана Цанова.
Таа истакна дека целта на форумот е на едно место да ги обедини бугарските инженери, бизнисот, претприемачите, научната заедница, институциите и инвеститорите.
Цанова ја нагласи и поддршката што Агенцијата ја дава на секторите кои, според неа, придонесуваат за промени во бугарската економија, меѓу кои мехатрониката, електрониката, машиноградбата и авијацијата.
Заменик-градоначалникот на Софија задолжен за дигитализација и информациски системи, Иван Гојчев, во своето обраќање го нагласи сè поголемото значење на интеракцијата меѓу автономните системи и роботите.
Според него, во блиска иднина фокусот ќе биде насочен кон автономно движечките системи кои меѓусебно комуницираат, како и кон соработката меѓу одделни роботи и меѓу роботите и луѓето.
Гојчев порача и дека градовите можат да бидат простор во кој претприемачите ќе ги реализираат своите готови или пилот-проекти.
Амбасадорот на Јапонија во Бугарија, Чикахиса Суми, истакна дека меѓу двете земји веќе постои тесна соработка во областа на роботиката, автоматизацијата и вештачката интелигенција, како и можности за нејзино продлабочување во сферата на физичката вештачка интелигенција.
Како примери тој ги наведе стратешките контакти на INSAIT со „Тојота“, соработката на „Дронамикс“ со „Кавасаки Моторс“, присуството на „ЕндуроСат“ во Јапонија преку сопствена канцеларија, како и заедничките иницијативи во областа на интелигентните и роботизираните технологии.
„Развојот на соработката во областа на физичката вештачка интелигенција е исклучително важен. Јапонија е добро позиционирана во тој поглед, а Бугарија располага со одлични софтверски инженери и програмери и верувам дека двете држави ќе продолжат да соработуваат во оваа област“, изјави амбасадорот Суми.
Програмата на Robotics Strategy Forum 2026 опфаќа индустриска вештачка интелигенција, роботика, автоматизација, авијација, електроника, 3D-печатење и развој на бугарското производство.
Во експо-зоната учествуваат повеќе од 50 иновативни компании. Дел од форумот е и специјализираната зона Additive Days 2026, посветена на адитивното производство и практичната примена на 3D-технологиите во индустријата, науката и образованието.
Организатори на Robotics Strategy Forum 2026 се Професионалната асоцијација за роботика, автоматизација и иновации (PARAi), Бугарската асоцијација за електротехника и електроника, Кластерот „Мехатроника и автоматизација“, Бугарската гранкова комора – Машиноградба и Извршната агенција за поттикнување на малите и средните претпријатија.
Настанот се организира во рамки на проект за поддршка на интернационализацијата на малите и средните претпријатија, финансиран со средства од Европската Унија преку програмата „Конкурентност и иновации во претпријатијата“.
