Во родопското село Стојките се наоѓа единствениот Музеј на гајдата во Бугарија
Единствениот Музеј на гајдата во Бугарија, сместен во родопското село Стојките, ја чува историјата на еден од најпрепознатливите бугарски народни инструменти. Интерактивната поставка ги спојува звукот, светлината и допирот, а од почетокот на годинава музејот го посетиле повеќе од 5.000 луѓе, јавува БТА.
Во колекцијата се изложени гајди, делови од инструменти, лични предмети, фотографии и документи поврзани со познати мајстори и изведувачи од различни фолклорни области на Бугарија.
„Музејот е создаден целосно со донации. Основата на колекцијата ја сочинуваат предмети што ги обезбедиле гајдаџии и блиски на веќе починати изведувачи. Меѓу нив има предмети поврзани со Апостол Кисјов – родениот во Стојките основач на оркестарот ‘Сто каба-гајди’, како и материјали што раскажуваат за животот и творештвото на генерации музичари“, изјави Марија Пичурова, секретар на Народното читалиште „Пробуда-1903“.
Таа посочи дека секој од изложените предмети има сопствена вредност и приказна.
Меѓу експонатите има и материјали поврзани со Иван Петков Бозуков, роден во 1888 година во селото Кортен, во регионот на Нова Загора, кој бил еден од претставниците на постарата генерација бугарски гајдаџии.
Идејата за музејот потекнува од комитетот што го организира Националниот собир „Апостол Кисјов“. Собирањето експонати започнало во пролетта 2020 година, а уште во првата година бројот на донатори надминал сто. Тие доаѓаат од сите седум фолклорни области на Бугарија, а најголем дел се од Родопите.
На еден од ѕидовите е поставена карта на Бугарија со седумте фолклорни области и фотографии од луѓето што донирале предмети за колекцијата. На тој начин поставката ја претставува гајдаџиската традиција не само во Родопите, туку и во другите делови од земјата.
Во Родопската фолклорна област најчесто се свири на каба-гајда, додека во останатите области е распространета џура-гајдата. Посетителите можат да ги разгледаат инструментите, да го слушнат звукот на поединечна гајда и на гајдаџиски оркестар, како и да се обидат да свират.
Во централниот дел од музејот е реконструирана работилница за изработка на гајди. Прикажани се различните фази од работата на мајсторот – од подготовката и обработката на кожата до изработката на дрвените делови на инструментот.
Меѓу вредните предмети во работилницата е стар струг, некогаш нарекуван „чарк“, кој му припаѓал на познатиот гајдаџија од Стојките, Пејо Лалов. Во поставката се чува и гајда на Апостол Кисјов, подарена во 1968 година од мајсторот Кољо Ружинов.
Со создавањето на музејот е поврзан и Лазарин Кисјов, син на Апостол Кисјов, кој почина на 19 април годинава и имаше значаен придонес во неговото основање. Долгогодишниот диригент и главен уметнички раководител на ансамблот „Родопа“ беше меѓу познавачите и чуварите на родопската музичка традиција.
Меѓу експонатите е и костимот на светски познатиот гајдаџија Костадин Варимезов. Дел од колекцијата е и гајда на Димитар Петковски од смолјанското село Хасовица, поврзана со изведбата на Ваља Балканска на песната „Излел е Дељо хајдутин“, која е испратена во вселената.
Посебно место во музејот му е посветено на Апостол Кисјов, кој во 1961 година го основал оркестарот „Сто каба-гајди“. Четириесет од гајдаџиите во составот биле од селото Стојките.
Околу портретот на музичарот се поставени 333 мали парчиња гајдаџиска кожа со имињата на гајдаџиите кои учествувале во големото изведување на Роженскиот собир во 2012 година.
Еден од највпечатливите делови од музејот се наоѓа зад црна завеса во задниот дел од поставката. Таму посетителите влегуваат во мала затемнета сала исполнета со светлосни ѕвезди, каде што звукот на бручилото на каба-гајдата се спојува со природните звуци на Земјата, Венера и Сонцето.
„Велат дека звукот на бручилото на каба-гајдата, според фреквенцијата, се доближува до звуците во вселената“, изјави Пичурова.
Интересот за Музејот на гајдата расте од година во година. Од почетокот на годинава повеќе од 5.000 посетители ја разгледале поставката и се запознале со историјата и звукот на родопската каба-гајда.
