Претстава по текст на авторката од Северна Македонија Билјана Крајчевска ќе биде поставена премиерно во бугарскиот град Трговиште
Драмскиот театар во бугарскиот град Трговиште на 17 септември во 19 часот ќе ја отвори новата сезона со премиерата на претставата „Каде е жена ти кога ја нема“, по текст на авторката од Северна Македонија Билјана Крајчевска, јавува 24 вести.
Текстот е напишан специјално за театарската трупа и е дел од програмата за претставување современа балканска драматургија. Претставата обработува теми како љубовта, блискоста, семејството, родителството, кариерата и осаменоста.
Во центарот на приказната се неколку непознати жени кои се среќаваат во терапевтска група, а нивните различни животни искуства ги водат низ комични, болни и неочекувани ситуации.
Режијата е на Софија Ристевска, а сценографијата и костимите се на Канчо Касабов. Во претставата настапуваат Маја Бежанска, Грета Неделчева, Ивана Стојанова, Лаура Апостолова и Михаил Треилов.

