| |

Во Благоевград беше отворен нов Младински центар вреден 2,18 милиони евра

Во Благоевград официјално беше отворен нов Младински центар, наменет за образование, развој и поддршка на млади на возраст од 13 до 29 години. Проектот е реализиран преку Националниот план за закрепнување и отпорност, јавува Пиринско.

Центарот располага со простории за уметност, јазични обуки, театарски и музички активности, компјутерска и мултифункционална сала со 100 места, како и пет соби за сместување со вкупен капацитет од 15 лица.

„Инвестицијата во младите луѓе е инвестиција која навистина вреди“, изјави градоначалникот на Благоевград, Методи Бајкушев, нагласувајќи дека центарот треба да им помогне на младите во стекнување практични знаења и полесно вклучување на пазарот на труд.

Вкупниот буџет на проектот изнесува 2.186.617,65 евра, од кои 1.901.648,34 евра се европско финансирање, а 284.969,31 евра национално кофинансирање.

Во тимот на центарот ќе работат раководител, психолог, социјален работник, младински работници и медијатори.



Слични Објави