МПО – помирувањето и обединувањето како илузија
Владимир Перев
Daniel Patrick Moynihan: “Everyone is entitled to his own opinion, but not to his own facts.”
1. После сите војни водени на Балканите и Европа, настанува период на смирување, исполнет со декларативни пројави за некакво помирување, обединување, дури и дејствување кон нејасната “светла иднина“ која сите нас не очекува. Најчесто сето тоа останува на нивото на празни декларации, а светот продолжува понатаму, со сите свои недоречености. Така тече и нашиот живот, растргнат меѓу декларациите за заедничка иднина полна со разбирања, од една страна, и суровата реалност на старите омрази со кои продолжуваме да живееме, од друга страна. Но, ако овде ситуацијата е релативно јасна, во Америка, во светот во кој дејствува Македонската патриотска организација (МПО), ситуацијата е сосема поинаква. Родена на територија во која немало војна повеќе од стои и педесет години, МПО функционира во свет кој е релативно ослободен од старите европски омрази и недоразбирања. Тоа е привилегијата на Организацијата, но и нејзиниот проблем во дејствувањето и разбирањето на проблемите на македонските бугари, проблемите со нивните права и слободи и воопшто, проблемите со начинот на дејствување во заштита на тие права.
2. МПО е родена 1922 година во Форт Вејн, Индијана, САД, како резултат од борбата на македонските бугари за почитување на нивните права во кралската Југославија. Нејзиното формирање е резултат, како продукт на вековната борба на македонците/македонските бугари за слобода, така и од желбата за сопствен идентитет, наспроти посегнувањата на грчките фанариоти и српските националисти за промена на бугарскиот идентитет на македонскиот човек. За таа цел, во 1927 година е формиран и органот на МПО, весникот “Македонска трибуна“ кој е претставителот и светилникот на идејата за слобода и човекови права.
Треба јасно да се каже дека МПО не е ВМРО, но дека таа е прозорецот кон современиот свет, преку кој ВМРО ја претставува својата борба, идеали и идеи за слобода на македонскиот човек. По убиството на Тодор Александров во 1924 година, МПО цврсто и непоколебливо застанува на страната на Ванчо Михајлов и до денешен ден, и покрај определени недоразбирања на линијата МПО-Михајлов, таа е единствениот јасен претставник на михајловистичката демократска идеја за слободата на македонските бугари и за правата на, воопшто земено, македонскиот поробен човек. Да да се знае – МПО е целосно проамериканска, антикомунистичка и демократска организација која сметала дека Титовата Југославија е зандана на народите (посебно на бугарите, албанците, унгарците, италијаните и другите малцинства) и дека нејзиниот распад е единствениот услов за слободата во тој дел од Европа. Дотолку повеќе што во МПО учествуваат членови од сите три дела на географска Македонија, голем број власи од сите делови на Македонија и Бугарија, како и луѓе од други националности, но со острастеност за слободата на македонскиот човек.
3. Треба да бидеме на јасно – од своето основање, па се до средината на шеесете години од минатиот век, МПО е единствениот демократски претставник на македонскиот човек, на македонските бугари во нивната политичка борба за слобода и демократија. Тоа е организација со висок рејтинг, почитувана меѓу членовите на американскиот Конгрес и Сенат и со бројни пријатели во сите американски администрации. Секој американски претседател имал средби со високи претставници на МПО, а претседателите Реган и Кенеди имаат дадено писмени признанија на некои членови на организацијата. За време на Втората светска војна, Корејската војна и војната во Виетнам, членовите на МПО, рамо до рамо со другите американци се борат во составот на американските воздушни сили или маринци. Еден од претседателите на МПО Борис Чалев, учествува како американски пилот во сите овие три војни. На конвенциите на МПО до скоро можеа да се сретнат и потомците на оние кои се сеќаваа на своите мртви предци, паднати во битките за Нормандија, Гвадалканал, Корејџидор, Иво Џима и други места, борејќи се рамо до рамо со личности како генералите Патон и Макартур. Тоа се сеќавања на една огромна, блескава патриотска организација, на вистински наследници на хероите од Илинден.
Така е сѐ до шеесетите години од минатиот век, кога огромен бран на емиграција од Југославија, вклучително и од Македонија, бегаат од “Титовиот рај“ и бараат прибежиште во капиталистичката “империјалистичка“ Америка. Го сакаат и бараат убавиот американски живот и можности за успех, но во својот “багаж“ го носат воспитанието и идеите на СФРЈ и титовизмот, држава и идеи кои веќе се на залезот на славата. Сакаат да живеат во капитализам, ама го фалат титовизмот како систем, живеат со образованието за “величината“ на македонската нација, сеуште тврдат дека Бугарија е монархофашистичка земја, додека за Германија и Италија мудро молчат…некои нивни роднини се во тие земји, имигранти исто како и тие во Америка. Омразата кон Бугарија, култот на личноста кон Тито и понизниот став кон американските државни структури се основните ментални позиции на новодојдената емиграција по 1960 година. Ги усвојуваат американските демократски принципи, ама само ако од нив имаат полза. Во новата таковина, не сакаат да научат ништо ново ако нема врска со пари и привилегии и не сакаат да заборават ништо старо, ниту една од старите омрази всадена од нивното образование низ македонските институции. Така, на таа основа се раѓа и современата македонска емигрантска организација, “Обединети македонци“ ОМД, како продукт на желбата на безбедносно-разузнавачките структури во Македонија/Југославија, за контрола на емиграцијата и патолошката омраза и борба кон сѐ бугарско.
4. Потоа времето, како часовник кој отчукува без запирање, ја врши работата. Старата веќе организација МПО полека се губи низ сопственото американизирање и немањето интерес на новите генерации за сопствената историја, додека пак новата ОМД набира брзина и дејствува безкомпромисно. Нејзината бројност се зголемува, влијанието е сѐ поголемо, а непрекинатата врска со структурите во Северна Македонија, обезбедуваат нови идеи и ресурси. Сегашниот претседател на МПО Ник Стефанов, бара начин да ја сочува организацијата, да го зголеми бројот на членовите и финансиските приходи преку нови членарини и на некаков начин да воспостави врски со новата ОМД емиграција, врски на взаемно почитување и разбирање. Историјата на овие наши простори, па макар и на американска почва, покажува дека тоа е невозможно. Овде никогаш немало можност за единство на “старото“ и “новото“, немало нивно помирување, а најмалку обединување. Впрочем, не е Ник Стефанов првиот кому таквата невозможна идеја му паднала на памет.
Во Македонија, некаде околу 1992 година, лидерот на ВМРО ДПМНЕ Љубчо Георгиевски го напиша текстот “Кој со кого ќе се помирува“, каде ги изложи своите видувања за идните демократски национални односи во ВМРО Македонија, во времето кое доаѓаше. Само една недела покасно, во органот на ДПМНЕ “Глас“ (орган на самиот Георгиевски) се појави непотпишан текст, всушност пасквил под наслов “Чакам те да дојдеш“ со кој се иронизираше бугарското минато на дејците на ВМРО и Илинден, како и целокупната бугарска општност во Македонија, подведувајќи ја под, веќе излитениот поим, “фашизам“!
Речи си истовремено, еден од најдобрите лидери на МПО, образован човек, адвокатот Иван Лебамов ја отвори истата идеја за читателите на “Македонска трибуна“. Дозволи во еден ист број, да се појави текст на современиот македонски јазик и правопис, потпишан од Зоја (родена Василева) Барт по потекло од Богданци, која ја бранеше македонската современа национална идеја и јазик, како и текстот на Марија Цакова од Банско, Бугарија, напишан на бугарски јазик со стариот предвоен правопис, во кој се бранат вистинските бугарски традиции на македонската идеја за слобода. Тоа беше своевиден земјотрес во МПО-вските структури, но весникот продолжи да излегува на англиски јазик и по потреба на бугарски, а сега и на македонски.
5. И Георгиевски и Лебамов беа “казнети“ на свој начин. Георгиевски ги загуби изборите и демисионира од лидерското место на ДПМНЕ за никгаш повеќе да не се врати вистински во политиката, секогаш остракиран со терминот “бугарофил“. Иван Лебамов дојде во Скопје во 1994 година и бараше прием кај Глигоров. Се сеќавам како јас, Иван и сопругата Кеј, речи си цели пет дена чекавме да биде примен кај Глигоров, но тоа не се случи. Слушавме бескрајно глупави образложенија од емисарите, дека Лебамов прво требало да дојде кај Глигоров, а потоа кај Желев во Софија, а не обратно, но знаевме дека тоа се само итроманските објаснувања на Глигоров, цврсто стегнат во прегратските на историската идеја за Македонија како српска колонија. Поинаку и не можеше да биде од зетот на ренегатот Стојан Мишев. Потоа бев свидетел како Иван Лебамов, разочаран ја дава оставката на Конгресот на МПО во Вашингтон во 1995 години и тихо заминува. Последната вечер на конгресот видов како тој и неговата сопруга Кеј, заедно со Ричард Холбрук и неговата сопруга заминуваат некаде сами на вечера, додека ние останавме во големата сала заедно со Георги Лебамов и Џин Киркпатрик, бившата американска претставничка во ООН, а тогаш актуелен говорите на Конгресот. Тоа беше почетокот на крајот на МПО, како резултат од желбата за “помирување и обединување“! Дури ниту Георги Лебамов со својот шарм, способностите за комуникација, огромните врски во македонското и американското општество, не можеше да го спечи упадокот на МПО. Крајот беше кога дојде “владеењето“ на Андреа Алушев и нејзината идеја за “антиквизација“ на МПО и вознесеноста од ликот и делото на Александар Македонски.
Тоа се фактите, наспроти нашето право на слободно мислење.
6. Актуелниот претседател на МПО има право на свое слободно мислење, ама нема право на свои факти. А фактите не му одат во прилог. Не е јасно како и на каков начин ќе се случи помирувањето, уште помалку некакво обединување. Дали тоа значи дека членовите на ОМД ќе читаат “Македонска трибуна“ и ќе се восхитуваат од ликот и делото на Иван Михајлов и неговата револуционерна дејност, а членовите на МПО ќе слушаат тиради за многувековната македонска нација, јазик и култура, а за бугарите како за татари, фашисти и поробувачи. Како ќе изгледаат конвенциите на организациите? Дали членовите на ОМД ќе минуваат покрај огромните фотографии на Михајлов, Менча Карничева и Јордан Чкатров за кого ќе слушаат дека е маченички умрен во затворот Идризово, а членовите на МПО ќе треба да слушаат дека “Тито ни ја даде државата“. Лесно е кога претседателите на двете организации, заедно со некои од членовите седнат и разговараат, па наводно „се разберат дека има етнички македонци и македонски бугари“, но како тоа ќе функционира на конгреси со реферати и бројно членство. Дали МПО ќе треба да ги заборави бројните жртви дадени, како од кралската југословенска власт, така и од титовиот режим, сето тоа во име на некакви заеднички стерилни средби каде “сите ќе бидат заедно, ама секој ќе биде свој и ќе го признава другиот“. Тоа не може да биде. Ние сме цивилизиран свет и не говориме за одмазда, ама немаме право на заборав и осуда на грешките на комунистичкото самовластие во Македонија, па и Југославија. Тоа се факти.
7. МПО е формирана да ги заштитува правата на македонските бугари, а не да се помирува со “потомците“ на џелатите на истите тие бугари. Ниту МПО, па најмалку Ник Стефанов и тамошниот ЦК имаат право на било какви акти на помирување, сѐ додека процесите на помирување не почнат овде, во Северна Македонија. Во оној момент, кога македонските бугари ќе влезат во Уставот на РСМ и ќе заземат позиции во извршната власт во земјата, тогаш почнува ПРОЦЕСОТ на помирување. Тоа ќе биде долг и мачен процес, реализиран низ системот за образование и политичка и национална толеранција. Дури тогаш можат да почнат “помирителните“ процеси во Америка во МПО, само тогаш Ник Стефанов ќе биде рамноправен преговарач со лидерите на ОМД. Сето друго е само борба за претплатиници на “Македонска трибуна “и евтини трикови на меѓусебна толеранција. Во светот не може да има мир меѓу спротиставените организации од Македонија, ако не се воспостави мир и единство во самата Македонија…а надворешните организации, ја немаат ниту силата, ниту средствата, ниту пак самостојноста и интегритетот да влијаат на политиката на матичната држава. Просто речено, тие немаат право на тоа, немаат право на такво помирување, немаат право на заборав на жртвите на српската и грчката агресија врз Македонија. Ниту Преспанската спогодба со Грција, ниту пак Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, не предвидуваат и не одобруваат заборав на паднатите херои, жртвите на фашистичко-комунистичките режими и самопонижување на нивните наследници.
8. Во Македонија вистински земјотрес предизвика изјавата на Ник Стефанов (дадена на Коридор 8), дека последната конвенција на МПО во Кливленд, Охајо се одржува благодарение на “финансиската подкрепа на бугарската држава“. Ужаснат од ситуацијата во која се самодоведе Организацијата, со неверување ги слушав несмасните изјави на благодарност на Ник Стефанов. Не само јас, овде никој не верува дека МПО нема средства да одржи еден обичен конгрес. Станува збор за нешто друго. Како што пред триесетина години ми рече Георги Лебамов, “порано МПО беше богата организација на сиромашни членови, денес МПО е сиромашна организација на богати членови“. Кога требаше нешто да се плати, сите очи беа вперени во Георги Лебамов, како кон некој маѓесник кој треба да ги извлече парите “од ракав“, како што и се случуваше, но благодарноста изостануваше…а тој, во моменти на искреност често ми велеше дека “јас не сум најбогатиот во МПО, ама сите се научени да дојдат кај мене“.
Во најмала рака е нечесно, Организација со членови со солидни бизниси и одлични банковни сметки, да бара и добива пари од држава која сеуште се бори со социјалните проблеми на своето население. Мпеовците заборавали на институтот донации, тој важен сегмент на американското општество. МПО треба да собере пари од своите членови и да формира лоби групи во Вашингтон, како во времето на браќата Лебамови кога вратите на вашингтонските институции им беа ширум отворени. Таму, во Вашингтон има и институции за помош на “малите етнички заедници“ и МПО треба да ги остварува своите права, врз основа на соодветна програма…ама, тоа треба некој да го направи. Помошта која треба да ја даде бугарската држава треба да биде логистичка, политичка и општествена, најмалку финансиска. Во ова ново време, обременето со војни и неизвесности, МПО треба со логистичката помош на Бугарија да ги брани интересите не само на македонските бугари, туку и на бугарите во воените подрачја во Украина и Бесарабија. Тоа треба да биде визијата за иднината на Организацијата.
Раководството на МПО треба да заборави на помирувањето, уште помалку на некакво обединување. Тоа нешто е задача на бугарите во матичните земји, како на пример во Северна Македонија. Од тука треба да започне процесот и истиот да заврши…потоа МПО може да ги валоризира резултатите од нашето овдешно помирување.
ЦК на МПО имаат право на сопствено мислење, но немаат право на сопствени факти (D.P. Moynihan)…јасно е дека намерите биле добри, но да не заборавиме, патот до Пеколот е поплочен со добри намери.
