| |

Над 700.000 ученици и 55.000 првачиња ја почнуваат учебната година во Бугарија

Над 700.000 ученици во 2.322 училишта во Бугарија денеска, 15 септември, ја почнуваат новата учебна 2026/2027 година, а повеќе од 55.000 првачиња првпат ќе го пречекорат училишниот праг, јавува БГНЕС.

Во образовниот систем работат над 92.000 педагошки работници, од кои повеќе од 20.000 во детските градинки. Речиси секој петти педагошки работник е на возраст до 35 години.

Учениците годинава ќе имаат на располагање и над 2.000 новоизградени СТЕМ-центри во државните и општинските училишта и во центрите за специјална образовна поддршка. Инвестицијата во нив изнесува повеќе од 250 милиони евра од Планот за закрепнување и отпорност.

Во текот на летото биле извршени повеќе од 600 поправки и реконструкции во училиштата, а надлежните соопштија дека се обезбедени потребните учебници и наставни материјали.

Новата учебна година веќе почна и за близу 40.000 бугарски ученици во странство, кои посетуваат 410 бугарски неделни училишта во 44 држави.

Бугарската претседателка Илијана Јотова денеска во 9 часот во Русе ја отвори учебната година во Средното училиште „Христо Ботев“.

Премиерот Румен Радев во 11:30 часот ќе присуствува на отворањето на учебната година во Основното училиште „Христо Ботев“ во селото Раковица, општина Макреш, Видинска област.

Министерот за одбрана Димитар Стојанов ќе ја отвори учебната година во Професионалната гимназија „Васил Левски“ во Мездра, каде што ќе биде претставен и првиот во Бугарија систем „Career Credit System“, односно образовен пасош на ученикот.



Слични Објави