| | |

(Видео) Италија и Бугарија со иницијатива за заеднички европски центар против кибернапади и дезинформации

Италија и Бугарија ја поддржуваат идејата за формирање заеднички европски центар за борба против хибридните закани, вклучително кибернапади, дезинформации и напади со дронови. Ова беше истакнато за време на официјалната посета на италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето на Бугарија.

На средбата во воздухопловната база Безмер, Крозето и неговиот бугарски колега Димитар Стојанов разговарале за соработката во одбраната и за потребата од заеднички европски пристап кон современите безбедносни закани, јавува БГНЕС.

Бугарското Министерство за одбрана веќе работи на проект за набавка на системи за заштита од дронови, наменети за обезбедување на стратешки објекти. Според надлежните, воспоставувањето таква заштита бара време и значителни финансиски и технички ресурси.

„Поддржавме концепт според кој навистина треба да биде создаден ваков единствен центар во Европа. Каде и како точно ќе биде лоциран не е толку важно. Важно е да постои центар што ќе се бори со заканите на денешницата“, изјави Стојанов.

Тој нагласи дека киберпросторот и нападите со дронови се дел од современото војување.

Крозето оцени дека последиците од хибридната војна често не се видливи, но можат да бидат подеднакво штетни.

„Не зборуваме само за кибернапади, туку и за дезинформации. Нашите општества секојдневно се изложени на оваа хибридна војна. Затоа треба да изградиме сеопфатен пристап на европско ниво за да знаеме како да реагираме“, изјави италијанскиот министер за одбрана.



Слични Објави