Бугарија и Грција ќе создадат заедничка културно-туристичка винска рута
Бугарија и Грција ќе воспостават заедничка културна и туристичка рута посветена на лозарството, виното и поврзаното културно наследство, соопшти Археолошкиот музеј во Солун, кој е водечки партнер во проектот, јавува БТА.
Иницијативата „Културниот пат на виното“ ќе ги опфати Северна Грција и Јужна Бугарија и ќе поврзе археолошки локалитети, музеи, винарници и фестивали. Рутата ќе го претставува развојот на лозарството, производството и консумацијата на вино од античко време до денес, како и наследството поврзано со култот кон Дионис.
Почетната средба за проектот ќе се одржи на 18 септември во Археолошкиот музеј во Солун.
Од грчка страна учествуваат Археолошкиот музеј во Солун и организација на винарите од Северна Грција, а од бугарска страна Археолошкиот музеј во Сандански и здружението „Сојуз за обнова и развој“.
Проектот е меѓу шесте одобрени од вкупно 163 поднесени предлози.
