Григор Димитров го отвора дуелот меѓу Бугарија и Данска во Дејвис купот
Григор Димитров и Елмер Мелер ќе го одиграат првиот меч од дуелот меѓу Бугарија и Данска во Светската група I на Дејвис купот, одреди денешната ждрепка. Средбата ќе се игра на 18 и 19 септември во салата „Royal Stage“ во Хилеред, предградие на Копенхаген, јавува БГНЕС.
Ждрепката ја извлече претседателот на Бугарската тениска федерација Иван Тиков.
Први на терен во петок ќе излезат првиот рекет на Бугарија Григор Димитров, кој се враќа во националниот тим по 11 години пауза, и вториот рекет на Данска Елмер Мелер.
Потоа ќе играат Илијан Радулов и првиот рекет на данскиот состав Холгер Руне.
Натпреварите во петок ќе започнат во 17:00 часот по бугарско време, а програмата во сабота е предвидено да почне во 13:00 часот.
Саботната програма ќе биде отворена со мечот во двојки, во кој бугарскиот тандем Александар Донски и Пјотр Нестеров ќе се соочи со Аугуст Холмгрен и Карл Емил Овербек.
Потоа се предвидени уште два меча во сингл, меѓу првите и вторите рекети на двата тима.
Победник ќе биде репрезентацијата што прва ќе стигне до три победи од вкупно пет натпревари. Сите мечеви се играат во формат до два добиени сета.
Капитенот на Бугарија Валентин Димов ќе смета на Григор Димитров, Александар Донски, Пјотр Нестеров, Илијан Радулов и Александар Василев.
Со тимот во Данска е и Иван Иванов, јуниорски шампион на Вимблдон и на Ју-Ес опен во 2025 година.
Во стручниот штаб се и помошник-тренерот Тихомир Грозданов, лекарот Георги Попов, масерот Љубомир Панев и нутриционистот Слави Славов.
Данска ќе настапи со Холгер Руне, Елмер Мелер, Аугуст Холмгрен, Карл Емил Овербек и Јоханес Ингилдсен, а капитен е Фредерик Нилсен.
Дуелот е од големо значење за бугарската репрезентација. Со победа, Бугарија ќе се врати во Светската група на Дејвис купот, додека во случај на пораз следниот февруари ќе игра за опстанок во Светската група I.
