Златоград оживеа еден пазарен ден од пред повеќе од еден век
Со гласник, традиционално приготвено кафе, отворени дуќани, војници и жители и гости во народни носии, бугарскиот град Златоград пресоздаде пазарен ден од пред повеќе од еден век во рамките на 19. издание на традиционалните Дељови празници, јавува БТА.
Реконструкцијата „Еден пазарен ден“ се одржа на калдрмисаните улици на Етнографскиот комплекс, каде посетителите можеа да ја почувствуваат атмосферата на некогашната златоградска чаршија.
Празникот беше отворен со настап на гајдарскиот состав „Дељо војвода“, предводен од Тодор Кајков. Голем број учесници, жители и гости беа облечени во народни носии и градска облека од минатото.
Дуќаните во Етнографскиот комплекс ги отворија вратите, а мајсторите ги претставија традиционалните занаети. По чаршијата се движеа трговци, занаетчии и ликови во историска облека, додека војници се грижеа за редот, а гласник ги соопштуваше новостите.
Пред посетителите беше демонстрирана и подготовка на традиционалното „вртено кафе“.
Како дел од реконструкцијата, со хумористичен пристап беше претставена и сцена од политичкиот и општествениот живот на некогашното Деридере, старото име на Златоград. „Градоначалникот на Деридере“ претстави „пратеник од Народната партија“, кој во својот говор ветуваше доведување топла вода до градот и изградба на железница од Подкова преку Деридере до Ксанти.
Фолклорната програма продолжи со песни и танци, а меѓу изведувачите беа родопската народна пејачка Росица Пејчева и танцовата формација „Балканџии“.
Дељовите празници се поврзани со Дељо војвода, еден од симболите на Златоград и Родопите. Песната „Излел е Дељо хајдутин“ во изведба на Ваља Балканска е вклучена на Златната плоча испратена во вселената со леталата „Војаџер“.
