ПРВА СЕДНИЦА НА СОБРАНИЕТО-ЗАДОЛЖИТЕЛНО МЕРЕЊЕ ТЕМПЕРАТУРА И ДЕЗИНФИЦИРАЊЕ НА СИТЕ ПРИСУТНИ
Во Собранието на Републикa Македонија, денеска на пладне во салата Голема купола ќе се одржи првата седница на новиот парламентарен состав согласно здравствените протоколи за заштита од ширење на Ковид-19. Со седницата ќе претседава претседателот на Собранието во заминување Талат Џафери.
Според точките на дневиот ред на седницата ќе се изврши избор на претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието, а потоа ќе следи верификација на мандатите на пратениците во Собранието. Трета и четврта точка се избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието и избор на претседател на Собранието на Република Македонија.
Седницата во својство на гости ќе ја проследат и лидери на политичките партии застапени во Собранието, началникот на Генералштабот на Армијата , претседателите на МАНУ и на Државната изборна комисија, државниот правобранител, претставници на верските заедници, како и шефови на странски дипломатски конзуларни мисии во Република Северна Македонија.
Инаку, како што соопштија од собраниската прес – служба, во согласност со препораките од Комисијата за заразни болести, Конститутивната седница ќе се одвива според протоколи и критериуми коишто се утврдени во претходна координација со претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски, со единствена цел да се намали ризикот од евентуално ширење на заразата од коронавирусот.
На пратениците, на гостите и на претставниците на медиумите при влезот во зградата на Собранието ќе им биде мерена телесна температура, по што ќе им биде овозможено да влезат во зградата. На сите влезови ќе бидат обезбедени средства за дезинфекција.


