| |

ОРВЕЛ ВО МАКЕДОНИЈА (2)

Првиот дел од написот.

Сите знаеме кога и како е изградена црквата “Св. Недела“ и светонеделските гробишта во Битола. Ја градат битолските бугари, со обилна финансиска помош и помош во работна сила од населението на битолското “Јени Маале“, до денеска познато како Мала Софија. Има и плоча со натпис за тоа чија е црквата и кој ја градел, ама денес плочата не постои. Во “обновата“ на црквата, плочата е или тргната, или прекриена со слој малтер, за никој повеќе не се запознае со содржината. Но плочата е снимена и постои како документ за едно време и луѓето од тоа време!

Трагична е ситуацијата во Битола. Не само црквата “Св. Недела“ ами и големата црква во центарот на градот “Св. Богородица“ е предмет на орвелијански вандализам. Искршена е плочата од влезната врата на црквата во која се кажува кои луѓе ја правеле црквата, на кој народ е таа црква и името на големиот донатор за нејзината изградба, др. Константин Мишајков од славното егзархиско-бугарско семејство од с. П’теле, Леринско. Плочата е искршена на парчиња и исфрлена на црковните гробишта, со намера безповратно да биде загубена. Ова се остатоците од неа, а натписот е познат на секој црковен историчар.

Скопската црква “Св. Богородица“ исто така беше предмет на орвелијанска политика на прикривање на вистината и сеење омраза. Црквата е запалена некаде кон 5-6 април 1944 година, а македонската власт по војната вели дека црквата ја запалиле “бугарските фашисти“. Никој не спомнува дека вината за палењето е ненамерен пропуст на германскиот готвач кој бил сместен во магерницата на црквата за да готви за германските војски. Спроведена е истрага од црковните власти и точно е утврдена вистината. Впрочем, бугарите веројатно се фашисти ама не се ненормални да си ја запалат сопствената црква, доказ за нивното присуство овде, во која имало бугарско училиште уште во 19. век.
Централната црква во Скопје, се до седумдесетите години била црквата “Св. Димитрија“. Имало натпис за тоа кој ја градел црквата и чија е таа: На прависе сия гробница съ пожертвование отъ православните българи въ 1864 л. мартъ 1-ий, Скопие, но на некој тоа му пречело, па ја тргнал плочата со натписот. За среќа е сочувана:

Бруталноста и безобразието на оние кои сакаат да прават генетски инженеринг врз својот народ, нема ни срам ни граници. Притоа, црковните дејци не реагираат и со класично “вртење главата настрана“ се оправдуваат пред себе си, пред народот и мислат дека се оправдани и пред Бога. Може, ама само ако се сигурни дека не постои, иначе…
Пример за такво насилие е спомен плочата на црквата “Св. Никола“ во село Прилепeц, на десетина километри од Прилеп. Сликата говори сама за себе!

Ни српското (зло)дело не е поштедено од орвелијанските вандали. Малкумина во Македнија ја знаат историјата на српскиот четнички војвода Глигор Љаме Соколов(иќ). Роден во село Небрегово, прилепско, четник и војвода на ВМОРО, војвода во Илинденско-Преображенското востание, за по востанието да прејде на страната на српската вооружена пропаганда во Македонија и се бори против своите довчерашни соборци од Илинден, кај србите познати како “бугараши“! Во заговор во кој учествиваат Милан Матов и Петар Ацев, Глигор Љаме Соколовиќ е убиен 1910 година во близина на селото Дабница, прилепско од атентаторите на ВМРО. Погребан е во родното Небрегово. Тој е вујко на Блаже Конески и заради тој факт, македонската историографија не се занимавала со неговата предавничка дејност. Останал заборавен од сите, а неговиот гроб во Небрегово запуштен, како и сите наши селски гробови и гробишта. Сепак, некој се сетил и на него и решил да “интервенира во историјата“. Резултатот е видлив.

Тешки времиња ја очекуваат Македонија и Заедничката македонско-бугарска комисија, која треба да ги утврди позициите за влез на Македонија во ЕУ. Не се работи само за Гоце Делчев и за другите дејци од Преродбата и ВМРО. Станува збор за јазикот на омразата присутен во македонските медии и за орвелијанското прикривање, премолчување на очигледните историски факти. Заедничката македонско-бугарска комисија не се состанува, со оправдување дека се чекаат резултатите од изборите во Македонија. Тоа е само обично замаглување на позициите, купување на време со надеж дека “времето само ќе ги реши проблемите“ наталожени во последниве стотина години. Последната надеж е дека ќе падне владата на Бојко Борисов, па така пасивизирањето на комисијата ќе продолжи во недоглед. Ние забораваме дека не е проблемот само во Бојко и во Заев, проблемот е созреан историски и дојдено му е времето за решавање. Да не заборавиме дека БАН има јасни и тврди позиции по однос на македонскиот јазик и историја, а бугарското министерство за надворешни работи, олицетворено во ликот на Екатерина Захариева обезбедило силна мегународна политичка поддршка за бугарските ставови во однос на Македонија.
Сто години ние сме народ затворен во безизлезот на своето постоење. Затоа и посегнуваме кон промена на историските факти. Орвел е страшен затоа што ја прикажува промената на битието на опстојувањето на еден народ. Свидетелствуваме на бришењето на колективната меморија на народот, која е чуварот на сопствениот идентитет. Времето ќе покаже дали ќе ни се случи Орвел!

Автор: Владимир Перев



Слични Објави