ОРВЕЛ ВО МАКЕДОНИЈА (1)

“Би свадба и пројде“ би рекле моите мудри прилепчани за овогодишното чествување на 117-та годишнина од Илинденското востание. Тоа би значело дека освен евидентното присуство и делумниот страв од коронавирусот, се друго си останува како ште е, поточно речено, како и да немало чествување. Сѐ веќе е чуено и видено.

Чествувањето на Илинден би требало да го одразува духот на сплотеност на еден народ, но во Македонија нештата се изместени, оттргнати од логиката и здравиот разум. Тоа се однесува на раководителите на земјата од педесетите години па наваму, додека народот, како и обично, ги следи своите раководители. Така, Илинденските чествувања се претвораат во разделен камен на македонското ткиво, сигнал за длабоката разделеност на еден народ, како меѓу македонците и другите народи во земјата, така и најмногу во самиот македонски корпус.

Прво да проговориме за “другите“. Албанците на социјалните мрежи постираа мислења за говорот на експремиерот Оливер Спасовски на Кале, оценувајќи го како недемократски, мононационален и исклучив кон другите заедници, наведувајќи дека станува збор за “политичка алегорија“ на говорот на крал Петар Караѓорѓевиќ во Скопје, во далечната 1913 година. 

Во македонскиот корпус нештата станаа малку по смирени, откако преклани Бојко Борисов и Зоран Заев го потпишаа Договорот за добрососедство…барем така е навидум. Поделбите кај народот си останаа. Цел живот за Илинден слушавме оптужби упатени кон Бугарија која наводно го присвојува нашиот јазик, историја и култура, за последниве две години тој јазик на омраза да не го слушаме од официјалните говорници. Сега омразата останува само меѓу нас и за нас самите.

Никогаш не разбравме точно, зошто треба да постои Пелинце. Тоа е креатура на стварноста, извитоперено поимање на место кое би требало да биде факт во нашата историја. Младите тоа го разбираат како виртуелна стварност, некаква орвеловска махинација за замаглување на вистината. Манастирот “Св. Прохор Пчински“ треба да си остане како симбол на стварањето на социјалистичката република Македонија, а за неможноста да се чествува во него, јасно да се пососчи вината на српската држава пред сѐ, а потоа и на СПЦ. Споменувањето на Воислав Шешељ, за дадени изјави од пред десетина и повеќе години е смешно, орвеловска манипулација за (не)пријателите меѓу “Океанија и Евроазија“! Шешељ е премногу мал, ситен, за да може една држава да се крие зад неговото име и (не)дело. Орвеловската махинација со Илинден 1944 година и Пелинце ни ја донесоа Бранко Црвенковски и СДСМ, како конечно заокружен процес на замаглување на вистината за Илинден и дополнително заглупување на народот. Иначе, работите се почнати многу по рано…

Со години на ред во Македонија не се говори за востанието како Илинденско-Преображенско, ами само како Илинденско. Желбата е да не се споменува народот во Тракија и Одринско, за на тој начин да се избришат и заборават врските мегу населението на Македонија и Одринско…да се избрише дека се работи за еден народ, една организација ВМО(Одринска)РО во двете регии, една идеја и една сплотеност во заедничката борба за слобода на еден единствен народ. Многу малку се говори за Крстовден и востанието во Егејска Македонија. Таму, местата Невеска и Клисура прогласуваат слобода и државност, а револуционерната власт успева да опстои повеќе од дваесет дена, значи, подолго од Крушевската република. Сепак, Орвел не го предвидел интернетот, па така нештата стануваат јасни, а орвелијанската идеја смешна и надмината.

Илинденските чествувања не се ослободени од манипулациите со судбините на некои од неговите творци. “Најстариот илинденец“ на Св. Прохор Пчински“, Панко Брашнаров има интересна биографија. Прво бил бугарски учител, за потоа да се откаже од бугарството и да стане воденичар, потоа станува “напреден“ и членува во ВМРО (об.), која де факто е само подразделение на НКВД, коминтерновска, советска агентура во Македонија. Така стигнува до АСНОМ, го отвора заседанието, за само неколку години по касно, како советски агент и “непријател на КПЈ“ стигне до Голи Оток, каде останува засекогаш. Слична судбина има и Павел Шатев кој од анархист и Солунски атентатор, станува советски разузнавач, потоа југословенски министер за правда, за мизерно да заврши во Битола, осамен и разделен од семејството. Понекогаш агентурата не се исплаќа, но наша задача е да упатиме барем една дума критика, како кон оние кои ги затвориле, така и кон оние кои можеле, а не ги одбраниле.

Македонската православна црква исто така, не е имуна на орвелијанството како појава и нова идеологија. Навистина, во титово време добија некаква спорна афтокефалност, но Тито и компартијата цврсто ги држеа уздите на општеството и не му дозволуваа на “црковниот коњ“ да шава лево-десно, како што ќе му текне. За нив  слободата настанува по 1990 година кога ги добиваат назад, под своја власт, огромните имоти и црковната управа. Вистинскиот подем е остварен во ерата на Груевски, па така идејата “Македонија до Индија“ воопшто не е оспорувана, а “принцот на Хунзите, нашиот братучед“, беше примен со рашрени раце, без забелешки за идентитетот и религијата. Така, црквата полека влегува во политиката и го дава придонесот кон нашата национална “виртуелна реалност“ и орвелијанското поимање за релативноста на фактите. Врвот на “компатибилноста“ на црквата со современите теченија е храмот “Св. Троица“ во Радовиш, каде симболите на антиката како  што е звездата од Вергина и ликовите на “безбожниците“ Александар Македонски и Филип се речиси изедначени со светците на христијанството, нешто што е до сега не е видено во ниту еден христијански храм на светот. Многу по рано уште пред 1990 година црквата почнува со “подновување“ на храмовите, водена од вековниот усет за доаѓањето на промените.

Продолжува

Автор: Владимир Перев