Софија почнува најголема обнова на јавниот превоз со инвестиции до 442 милиони евра
Бугарскиот главен град Софија започнува најголема обнова на градскиот јавен превоз досега, со инвестиции до 442 милиони евра за нови трамваи, тролејбуси, електрични автобуси и метро, како и за проширување на транспортната мрежа и подобро поврзување на населбите со метрото, јавува 24 часа.
Преку оперативната програма „Развој на регионите“ се обезбедени 265 милиони евра неповратни средства. Во портфолиото на општината, вредно 355 милиони евра, се вклучени проекти за метрото и за обновување на надземниот превоз.
Повеќе од 220 милиони евра се наменети за метрото и неговото проширување. Предвидена е и набавка на 145 нови возила – 20 трамваи, 75 тролејбуси и 50 електрични автобуси.
За обезбедување на потребното кофинансирање, Општина Софија предлага долгорочен инвестициски заем до 367 милиони евра. До 177 милиони евра од него се предвидени за новите возила и за набавка на уште околу 200 автобуси, а до 190 милиони евра за обнова на клучната градска инфраструктура.
Новите возила треба да овозможат и проширување на мрежата. Планираните нови линии ќе сообраќаат во интервали од 10 до 15 минути.
Метрото останува главната оска на транспортниот систем. Во средината на август мрежата беше проширена за три километри со три нови станици, во тек е и изградба на шест километри метро, а се подготвува и идно проширување кон „Студентски град“.
