|

Политиката на надеж е нашата најдобра надеж

Проф. д-р Звонимир Јанкулоски/Нетпрес

Не е тајна ако кажам дека Македонците се песимисти во врска со иднината. Песимизмот, како и оптимизмот може да биде заразен. За да не дозволиме песимизмот и апатија да надвладеат во нашето општество морама да го вратиме тајното оружје за заштита на демократијата: надежта. Надежта е едноставна работа: емоција, измешана со очекување дека нешто можеби е можно. Бидејќи надежта не е опиплива сила, понекогаш може да изгледа како илузија, но таа е моќен катализатор за промени. Во денешниот политички пејзаж, надежта не е пасивна емоција. Таа е етички став; радикален чин на пркос; и одбивање да се откажеме од замислувањето на перспективата за подобар свет. Надежта не е слеп, ниту наивен оптимизам. – таа се раѓа во услови на неизвесност. Затоа е рационално, можеби дури и неопходно да се регрутира поимот надеж во политиката. Таа е политички избор – надежта мора да биде повеќе од реторика – таа мора да биде стратегија на реални акции што функционираат, создавајќи стабилност, лојалност и напредок во темни времиња.

Со децении чувството на надеж беше киднапирано, ребрендирано, политизирано и спакувано како политика на надеж. Оние кои се залага за оваа вежба за ребрендирање се стремеа да ги искористат инспиративните квалитети на надежта за да го поддржат својот политички проект. Една од претпоставките на реториката на надежта беше тоа што таа е празен политички сад кој може да се наполни со какво било значење или чувство што е потребно за да се допадне на јавноста. Затоа реториката на политиката на надежта во Македонија немаше суштина и убедување. Таа служеше како флексибилен инструмент за управување со сликата. Наративот за политиката на надежта се стремеше да ја пополни празнината што ја оставаше тешкотијата што ја имавме како држава во проектирањето позитивна политичка ориентација кон иднината. Надежта послужи како емоционална замена за политичкото размислување, ориентирано кон иднината. Имавме, фала богу веќе ги немаме, политичари кои се промовираа во гласници на надежта, употребувајќи ја како политичката вежба за односи со јавноста кога се менуваше името на државата и идентитетски се обезличуваше македонскиот народ.

Затоа, на македонската политика очајно ѝ е потребна нова надеж, зошто онаа старата повеќе не инспирира. Како може да инспирира кога беше монополизирана од една политичка опција, која ја сведе на алатка за пропаганда. Надежта со претходната влада беше претставена како инструмент на политиката, наместо на неа да се гледа како став кон иднината. Со изборот на новата власт се прати јасен знак дека македонската јавност се надева на нешто поинакво. Целиот политички наратив на новата власт беше дизајниран да се разликува од нејзиниот политички противник и повторно да всади надеж во идејата за промена. За оваа влада станува веќе очигледно дека надежта не е наивен оптимизам. Таа е политички избор – таа е признание дека силата на демократијата лежи во нејзината отвореност – нејзината способност да се прилагоди на несогласувањата, да генерира нови почетоци и да го држи хоризонтот на можностите отворен. Затоа надежта во политиката на власта изгледа дека мора да биде повеќе од празна реторика – да стане стратегија на реални дејствија што функционираат, создавајќи стабилност, лојалност и напредок во тешки времиња за Македонија и повикува на заеднички напор за борба против криминалот, сиромаштијата, лошото управување и непотизмот. Кога политиката на оваа власт се стреми да ја разгори надежта, таа не дејствува врз основа на претпоставката дека поединците повеќе не се надеваат – таа се гради врз идејата дека надежта во моментов ја обликува нашата колективна ориентација кон иднината.

Сепак, оваа власт колку и да се труди да се разликува од сите претходни мора да понуди нејзината реторика на надеж да биде неопходен претходник на акцијата. И, секако, се надевам оваа власт сфаќа дека не е време политиката да ја продава надежта како производ со рок на траење како што го  правеше претходната  – која се пакува за време на кампањите, се консумира на гласачките ливчиња, а потоа тивко се обезвреднува до следниот изборен циклус. Досега од граѓаните се бараше да веруваат, а не да ревидираат. Да чекаат, а не да бараат. Во тој циклус, надежта стана анестезија – ја отрпна одговорноста наместо да ја активира. Оваа власт го нема тој комодитет да си игра со надежта за промена. Зашто нејзината политика на надеж е нашата најдобра надеж за иднина.

Слични Објави