Бугарската претседателка Илијана Јотова пристигна во Њујорк за 81-та сесија на Генералното собрание на ОН
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, пристигна во Њујорк, каде што ја предводи бугарската делегација на средбата на високо ниво во рамки на 81. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, јавува БТВ.
Нејзиното пристигнување доцнеше поради проблеми во воздушниот сообраќај во североисточниот дел на САД, поради што авионот со кој патуваше беше пренасочен кон Бостон.
Проблемите во воздушниот сообраќај се случија во период кога Њујорк пречекува околу 130 странски лидери за годишната средба на високо ниво на ОН.
Денеска почнува Генералната дебата во рамки на сесијата на Генералното собрание на ОН, на која ќе учествува и Јотова.
Меѓу главните теми на овогодишните разговори се војната во Украина и конфликтите на Блискиот Исток. Се очекува американскиот претседател Доналд Трамп да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во програмата на Јотова се предвидени средби со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и со јорданскиот крал Абдула Втори. Таа вечерва ќе присуствува и на традиционалниот прием што американскиот претседател го организира за учесниците на средбата на високо ниво.
Јотова претходно најави дека пред Генералното собрание ќе го отвори и прашањето за безбедноста во Црното Море.
„Ќе ја поставам темата за безбедноста на Црното Море пред Генералното собрание на ОН“, изјави Јотова.
Бугарската претседателка синоќа учествуваше на средбата на високо ниво „Партнери за мултилатерализам – меѓународно право, мир и просперитет“.
Во бугарската делегација се и министерката за надворешни работи Велислава Петрова, министерката за здравство Катја Ивкова, министерката за труд и социјална политика Наталија Ефремова, како и претседателот на парламентарната Комисија за надворешна политика, Петар Витанов.
Петрова синоќа оствари средба и со американскиот конгресмен Џо Вилсон, основач и долгогодишен копретседавач на Групата за пријателство со Бугарија во Претставничкиот дом на САД.
Во текот на сесијата Јотова ќе учествува на повеќе настани на високо ниво, меѓу кои и средба во рамки на иницијативата на ОН за унапредување на женското лидерство.
Нејзиното обраќање пред Генералното собрание на ОН е предвидено за среда вечер.
