Археолози открија средновековна работилница за луксузно стакло во Русокастро, Бугарија
Археолози од Бургас открија траги од производство на луксузни стаклени предмети во југозападниот дел на средновековниот град Русокастро. Наодите укажуваат дека во XIII и на почетокот на XIV век таму работеле работилници за изработка на стаклени предмети, јавува БТВ.
Меѓу откриените предмети има камења со залепено стакло, производствен отпад, делови од садови за топење, како и суровина во форма на парчиња зелено и сино стакло.
Според археолозите, наодите се откриени во непосредна близина на средновековни работилници во кои се изработувале нараквици, кандила и други стаклени садови.
Досегашните податоци покажуваат дека мајсторите во Русокастро најверојатно не произведувале стакло од кварцен песок, туку обработувале веќе подготвен материјал. За негово обликување била потребна температура од околу 600 до 800 Целзиусови степени.
Траги од производство на стакло на територијата на денешна Бугарија претходно биле откриени и во Преслав, Трново и Берое.
Новите наоди, според истражувачите, дополнително укажуваат дека Русокастро бил значаен производствен центар во текот на XIII и XIV век.
Производството на стакло има повеќеилјадна историја, а најраните податоци потекнуваат од Месопотамија и Египет од третиот и вториот милениум пред нашата ера. Во доцната антика и средниот век Византија станала еден од водечките производители на луксузно стакло, вклучително и предмети за црковна употреба и прозорско стакло.
Кон крајот на XIII век особена слава стекнало и венецијанското стакло произведувано на островот Мурано.
Археолошките ископувања во Русокастро ги спроведува Регионалниот историски музеј во Бургас, а се финансирани од бугарскиот Совет на министри и Општина Камено.
Од 2025 година Русокастро е вклучен во списокот на приоритетни археолошки локалитети во Бугарија за развој на националниот културен туризам.
