Зошто одговорноста се бара само од граѓаните?
Facebook статус на Никица Корубин
Во пресрет на претседателските и парламентарните избори, притисокот врз граѓаните ќе се зголемува. Притисокот за нивната одговорност. Особено од “системските” партии, оние без кои “системот” не може да опстане. Ова се денови кога не’ потсетуваат дека сме парламентарна демократија, што би значело дека легитимитетот го дава граѓанинот со својот глас; а фактички демонстрираат дека сме партократија каде гласот е формата за одржување на суштината: “заробено општество”. Дали повторно “жртвата” ќе се бара само од гласачите?
Но, која е “жртвата” која треба да се принесе на “олтарот на иднината”? И што на тој олтар принесува партијата, која и ја бара таа жртва од гласачите? Жртвата се разбира не е гласот, бидејќи тој е врвно и ултимативно право, на кој почива цел систем на парламентарната демократија, која и се остварува преку самиот процес на избори.
Жртвата е компромисот кој мора да се направи, односно “гласот од нужда”, а не од “гласот од уверување” кој треба да се даде. И овој компромисен глас, ќе биде глас за да не биде полошо, а не за да биде подобро. Но, ако тоа е неопходната “жртва” која треба еден одговорен граѓанин да ја направи, која е неопходната “жртва” која треба една одговорна партија да ја направи?
И токму тој флагрантен дисбаланс е главниот проблем. Ако, граѓаните треба да замижат и премолчат, во име на повисоки национални интереси, што по тие прашања прават токму оние кои ефективно и фактички владеат во име на истите тие највисоки национални интереси? Затоа што нашиот нефункционален систем е всушност партократијата (заробената држава). И, ако партијата пред избори бара отстапки од гласачите, кои отстапки таа самата ги прави?
Без разлика на спектарот, дали СДСМ ќе не’ убедува дека е државотворна и европска партија, ВМРО ќе ни кажува дека е патриотска и национална партија, ДУИ дека без нив не се може, а сите останати коалициони партнери ќе не’ убедуваат дека се самостојни субјекти; всушност тие својот вистински став во услови на избори, каде што бираме 120 индивидуални наши претставници во највисоката законодавна власт, или функцијата претседател ќе го демонстрираат преку пратеничките листи и кандидатите за претседател. И тие недвосмислено ќе ја одразат вистината во нивната реторика и вистинската намера во нивното делување.
И тука доаѓаме до проблемот. До моментот на “жртвата”, која треба да ја понесе само гласачот, но не и сите кланови, струи и фракции во партиите. Ако, во сложени политички услови се бара поддршка од граѓаните, за извесна и европска иднина, зошто тоа не се рефлектира и во тоа кои ќе бидат носителите на таа иднина? Кои ќе бидат луѓето, индивидуалците на пратеничките листи на кои треба да ја пренесеме сопствената претставеност?
Затоа што тоталитарниот манир на лидерство, каде гаранцијата треба да ја обезбеди самата партија (и нејзиниот лидер), а не самите личности освен што е суспензија на идејата на демократијата е и фактичко дезавуирање и компромитирање на парламентот. Како “гаранцијата” после избори ќе ја спроведе партијата во самиот парламент, преку контрола и послушност?
Како се бираат пратениците е “прашањето над прашањата”. Иако, компромисите се присутни и во тој “сложен и конспиративен” процес, тие немаат никаква врска со гласачите, а уште помалку со “жртвата” која се бара од нив. Затоа што во балансот на “системот” се знае кој ја дава жртвата, а кој го собира пленот. Кој е во системот, кој е во системот со дозвола, а кој е надвор од системот.
Но, во целата равенка, се чини дека партиите не ги пресметуваат промените, а уште помалку “духот на времето”. Иако, оперираат со “своите гласачи”, и многу веројатно не се вознемируваат од потенцијалната ниска излезност, изборите никогаш не се предвидлива “операција”. Без разлика на нивната желба. И особено на контекстот над кој немаат влијание.
И добро ќе биде, пред да почнат да ги “напаѓаат” гласачите, и агресивно да инсистираат на нивната одговорност, да размислат добро, која е целта и како се доаѓа до неа. Затоа што целта ги открива и нивните намери. А, кога ќе се откријат намерите, беспредметна ќе биде било која реторика и декларативност за тоа кој е за ЕУ, САД и НАТО. Ќе остане само голата вистина, од која овој пат тешко ќе се избега. И дури тогаш секоја жртва, ќе биде залудна.

