| |

Бугарскиот европратеник Вигенин во Скопје: Коридорот 8 треба да нè поврзува, а не да нè разделува

Бугарскиот европратеник Кристијан Вигенин изјави дека Коридорот 8 треба да придонесе за подобра поврзаност, трговија и регионален развој меѓу Северна Македонија и Бугарија и повика по долгогодишните планови да има видлив напредок во изградбата на железничката линија, јавува Актуално.

„Коридорот 8 треба да нè поврзува, а не да нè разделува. Тој може да ги засили трговијата, мобилноста и регионалниот развој и да ѝ обезбеди на Северна Македонија подобри врски и со Јадранското и со Црното Море“, рече Вигенин на 25. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ–Северна Македонија во Скопје.

Тој оцени дека добрите патишта, модерните гранични премини и сигурните железнички врски се важни за слободното движење на луѓе и стоки меѓу Северна Македонија, Бугарија и ЕУ, посочувајќи дека реализацијата на транспортните проекти се одвива предолго.

На состанокот се разговарало и за состојбата со медиумите и граѓанскиот сектор. Вигенин ги посочил притисоците и заканите врз новинарите и ризиците од автоцензура, а изразил и загриженост поради тонот на јавната дебата.

Тој го посочил и случајот со Ива Михаилова и побарал македонските власти да се вклучат во негово решавање. Според Вигенин, доколку македонските лекари оцениле дека не можат да ја обезбедат потребната грижа, треба да ѝ биде овозможено лекување во Бугарија или во друга земја членка на ЕУ.

Во заклучоците на Мешовитиот парламентарен комитет, според текстот, повторно била нагласена потребата од исполнување на обврските преземени со Преговарачката рамка од 2022 година, вклучително и уставните измени.

„Европа може да ги поддржува реформите. Но, не може да ги спроведе наместо земјата кандидат“, рече Вигенин, додавајќи дека натамошниот напредок зависи од објективни и мерливи резултати и од потребните внатрешнополитички одлуки.

Вигенин во Скопје учествувал и на средби со претставници на институциите, граѓанскиот сектор, дипломатскиот корпус и политичките партии, како и на отворањето на Граѓанскиот форум „Граѓаните во срцето на проширувањето на ЕУ“.

Слични Објави