БКИЦ: Софискиот Сатиричен театар „Алеко Константинов“ со „Кревет за двајца“ на „Денови на комедијата“ во Куманово
Сатиричниот театар „Алеко Константинов“ од Софија на 29 септември, во 20 часот, ќе ја изведе претставата „Кревет за двајца (тотална катастрофа)“ во НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, соопшти Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје на својата фејсбук-страница.
Гостувањето е дел од програмата на 29. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата 2026“.
Режисер на претставата е Калин Срменов. Александра С’рчаџиева ја толкува улогата на Сандра, Николај Луканов го игра Томас, Јавор Борисов го игра Лео, а Стела Ганчева настапува како Елизабет.
Приказната ги следи заплетите што настануваат кога еден вишок кревет и недостигот од вистинска комуникација меѓу партнерите превртуваат сè наопаку.
„Ова е комедија за патот кон самите нас и кон другиот“, се наведува во објавата на Центарот.
Билетите се достапни на билетарницата на Центарот за култура во Куманово и на онлајн-платформата karti.com.mk.

