|

Македонскиот синдром на автoритативни шарлатани

Проф. д-р Звонимир Јанкулоски/Нетпрес

Во Македонија сме „дресирани“, низ годините на социјализмот, да ги почитуваме луѓето од авторитет. Toа што социјализмот го заменивме со некоја хибридна форма на демократско уредување на државата, не значеше дека неговото социјално и психолошко наследство и понатаму не продолжи да влијае врз начинот на кој граѓаните во посткомунистичка Македонија се однесуваат кон луѓето со авторитет, без оглед дали тој авторитет е реален или лажен. Македонија сиве години на независна држава не успева да ја помине транзицијата од тоталитарен страв кон демократска одговорност, како клучни лекции за тоа како се обликува почитта кон личноста со авторитет. Во Македонија граѓаните продолжија да ги почиттуваат авторитетите изнудени од позиција на страв, репресија и култ кон лидерот и ја задржаа навиката да се покоруваат на авторитетот без да го доведуваат во прашање. За нив поединците со авторитет (без оглед каков) имаа моќно, честопати скриено влијание врз одлуките што ги носат во животот. Послушноста кон легитимен авторитет за многумина во државава има смисла, бидејќи оние што располагаат со авторитет обично поседуваат моќ да наградуваат и казнуваат. Всушност, следењето на „авторитет“ или на некој што „има авторитет“ остана како рецидив на однесување на старата комунистичка вградена, стандардна ментална реакција на граѓаните.

Граѓаните кај нас се покоруваат на принципите на авторитет дури и кога тоа воопшто нема рационално оправдување. Нивната покорност е некритичка – еден вид слепа послушност поттикната од титули, симболи или авторитативно присуство, наместо од внимателно расудување. Дури и во секојдневни ситуации, надворешните обележја на авторитетот можат да го надвладеат нивното здраво разумско расудување. Македонија е егземплар како се одржува и потхранува инстиктот кај народот за покорување на авторитетите. Не велам дека почитувањето на авторитетните личности не е универзална човечка одлика, зашто авторитетни личности се неопходни за одржување на општествениот поредок и за спречување на општеството да западне во хаос. Меѓутоа, да почитуваш и да се покоруваш на авротритативни шарлатани кои погрешно ги идентификуваме како вистински, тоа е веќе сериозна општествена болест преку која се поткопува јавната доверба, се шират дезинформации и се нарушува колективната меморија на еден цел народ. Уште кога се наметнати авторитети од позиција на моќ, без оглед дали е политичка или финансиска, тогаш сфаќате дека општеството е серизно заразено од синдромот на авторитативни шарлатани.

Колку и да сакам, не успевам да ги разберам оние луѓе кои имаат стравопочит кон ваквите авторитетите кои вообичаено се исплакнати од личен морал, и чиј авторитет е положен на страв и моќ што ја носи функцијата што ја вршат. Како да се восхитувам и да ми е престиж да бидам во кругот на луѓе омеѓан со нивниот лажен авторитет. Особено, во кругот на оние „авторитативни шарлатани“ што ја продадоа државата, нејзиниот национален идентитет и име, оние што не веруваа во македонска држава кога се делевме од Југославија, оние на кои сликата на Тито се уште им виси по кабинетите и, секако, во срцата, оние што издаваа наредба да се бомбардира Скопје во времето на стекнување на независност, или да се апсат луѓето што ја што направија упад во системот на воено регрутната евиденција на ЈНА. Или пак, оние кои ми се продаваат за авторитети, а одбиваа да делуваат кога требаше да се брани државата плашејќи се да не завршат во Хаг, или пак оние наши „големи дипломати“ што „ги тераа од Белград, но тие не сакале да заминат“, оние што кодошеа за пари и кариера, а особено оние на кои државата им изгради меѓународна кариера, а кои беа на платните списоци, (можеби се и денес) на КОС и УДБА и кој се не друг. Тоа се македонските „авторитети“ кои политиката и медиумите, а богами и системот на криминална правда ги направи недопирливи, а историјата извор на лажни вистини.

Во Македонија општествената потврда на авторитетот на една личност е ироничен израз што се однесува на склоноста на луѓето да веруваат во нешто само затоа што некој им наметнал да веруваат во тоа. Затоа е многу важно македонското општество да ја препознае технологијата на процесот низ кој авторитетот го обликува човековото однесување, зашто на тој начин им се помага на луѓето критички да ги оценуваат системите на моќ што помагаат да се влијае врз нивните одлуки. Секогаш сум мислел дека е погрешно да се „поклонуваш“ и покоруваш пред авторитетот на моќните и лажни велични во општеството, наместо да ги прифаќаш онакви какви што се – зашто шупелка е шупелка без оглед колку моќ да и дадеш. Затоа и не сум наклонет да го прифатам здраво за готово авторитетот на многумина во државава, особено на оние од кои изградивме лажни митови, зашто прифаќајќи авторитет граден на дефектни сеќавања за минатото значи дека сум подлегнал на нерационални механизми на расудување и здрав разум, кои малку веројатно дека ја следат моралната вистина во оваа држава. Лажниот авторитет опстојува само додека луѓето продолжуваат да веруваат во таа претстава. Кој сака нека верува – јас оддамна престанав да верувам во македонските авторитативни шарлатани, зашто велат дека кога луѓето се чесни и доблесни, почитта доаѓа природно, а не од страв.

Слични Објави