| |

Етнички општества и државни граници

Распадот на тоталитарните социјалистички федеративни конгломерати, после 1991 година, на тлото на Источна и Југоисточна Европа создаде етнички држави-нации. Сепак, во секоја од нив, процентуално повеќе или помалку, се наоѓаа и припадници на други етнички заедници кои беа различни од  доминантната, а беа дел од  етничката нација на соседна држава , во  државата во која тие беа граѓани и живееа .

Пример: голем број на етнички Руси, останаа да живеат надвор од новосоздадената Руска федерација, во соседните мали балтички држави: Летонија, Естонија и Литванија, како и во Украина и Молдавија. Од друга страна , многубројни Срби, останаа да живеат во Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора  како соседни држави на етничката матична држава Србија. Центрифугалниот национализам на српските и руските државни власти, после распадот на Југославија и СССР, создаваа внатрешни проблеми во соседните држави кои соодветно имаа голем процент српско или руско етничко малцинство. Имено, новосоздадените држави, во изградбата на својот национален доминантен мит, во голема мера со националистички дискурс, кои корените на нацијата ги бараа векови, па и милениуми во минатото, се соочуваа со реакционерниот национализам на етничките малцинства, кои останале да живеат од „ другата страна на границата“, надвор од својата матична етнодржава.

Оттука се поставува прашањето, како да се создаде ( изгради) една современа, модерна нација, во која демосот ќе го замени етносот, во општества кои се контаминирани со националистички наративи, во кои се величи сопственото етничко минато, на сметка на тоа на соседните народи? Одговорот ни малку  не е едноставен, од причина што, скоро и да не постои држава на истокот од континентот, во која припадниците на етничките заедници, различни од  доминантната  ги уживаат полните политички права, а од друга страна се лојални граѓани на државата која живеат.

И покрај големината на Руската држава, нејзината улога во креирањето на меѓународната политика, габаритот на позициите кои таа ги има на европската и светската политика, денес руските етнички малцинства во балтичките држави, речиси и да не уживаат никакви политички права, што создава анимозитет на истите кон своите држави во кои живеат. Тоа може да доведе до сепаратистичко-иредентистички тенденции , во кои  формално или посредно би се вмешала и руската држава, и би предизвикало воен конфликт, сличен на тој во Украина.

Впрочем, членството на овие три балтички држави во НАТО и ЕУ, ја спречува оваа изгледна и предвидлива опција. Од друга страна, српскиот национал-хегемонизам , Србите во Босна и Херцеговина, ги сосредотичи во еден посебен етнички ентитет – Република Српска, како составна политичко-територијална единица на државната федерација Босна и Херцеговина. Овој модел, кој само претставуваше преодно решение со кое се стави крај на три и пол годишната крвата етничко-граѓанска војна во Босна и Херцеговина, стана траен модел на решавање на прашањето на интеграција на етничките заедници во оваа држава, што всушност прерасна модел на „ замрзната дисолуција“ на етничките Срби и етничките Бошњаци ( муслимани) во федерацијата.  Србите во Хрватска пак, беа „ решени“ со воената операција „ Олуја“ од 1995, кога преку 500.000 етнички Срби, беа насилно протерани и депортирани од Хрватска во Србија, за да денеска нивниот број е скоро незначителен како процентуална бројка. Албанците, пак од друга страна, на Балканот се распределени  во неколку држави, надвор од матичната Република Албанија.

По  едностраното прогласување  на независноста на Косово, тие добија втора матична територија, како нација-заедница, но се уште ги има во голем број во Република Македонија, во Јужна Србија, во Црна Гора, како и во Грција. Нивниот силен национален и лингвистички идентитет, различен од соседните словенски нации и држави, и во минатото во тоталитарните системи, а и денес, ги држел сегрегирани во своите етнички ровови. Големата културолошка, јазична, национална и религиска бариера која постои помеѓу Албанците како голема нација-заедница на Балканот, и останатите словенски земји, во кои тие партиципираат како етничка заедница во голем број, создава потешкотии во нивната интеграција во државите во кои тие живеат.

Оттука, постојаното етнизирање на прашањата на колективните права, го зајакнува етносот, на сметка на демосот ( граѓани) и тоа, имплицира постепено етничко разграничнување , наместо зајакнување на граѓанскиот модел и граѓанското општество. Историјата на Балканот, и Источна Европа, како и секоја национална историја на континентот, е траорна, со многу војни, етнички чистења, премрежја кои оставиле силен национален траор во меморијата на народите. Тоа само по себе, создава, претпазливост, но и колебливост, кај припадниците на етносите, пополека , но сигурно да го напуштат својот етнички примордијален сентимент, и да се трансформираат во космополитски , просперитетни , и модерни граѓани, на кои економскиот напредок и квалитетот на животот ќе им бидат далеку поприоритетни од  зголемувањето на колективните етнички права.

Веројатно, уште многу вода ќе треба да потече низ Дунав, и низ Дон, народите, и нациите кои живеат околу овие големи европски реки, и нивните притоки, да го прифатат космополитското и современо европско поимање на терминот национален идентитет.

Автор: Благојче Атанасоски, историчар, М-р по политички науки

Слични Објави