Вам не ви е гајле за Турците, Ромите и Бошњаците!
Законот за јазици се уште е незавршена приказна. По непотпишувањето од страна на претседателот за кој со бојкотот на Претседателските избори во 2014-та Албанците сами се криви што доби втор мандат, Законот се врати пак на собраниска процедура, но овојпат пречка за неговото повторно гласање се 35,000 амандмани на ВМРО-ДПМНЕ кои служат за одолговлекување на истиот, но не и спречување, бидејќи и да се гласа за секој амандман поединечно, кога и да е, на амандманите ќе им дојде крајот (а како што изгледа, воопшто нема да се овори претрес на истите туку директно ќе се оди на гласање на Законот).
Против Законот за јазици ВМРО-ДПМНЕ дава многу причини против: Законот бил противуставен (што можеби држи вода), излегува од Рамковниот договор (што можеби држи вода), ја загрозува унитарноста (што е неточно), го загрозува македонскиот јазик (што е глупаво). Но најсмешната, најпатетичната, и најнеискрената дадена причина, е дека законот ги дискриминирал помалите заедници.
Но не е само Законот за јазици. Секое право што го бараат Албанците, некој ќе каже „да ама ова е неправедно кон помалите заедници“ (што сите заедно се 11% а Албанците сами се 25%). Да кажеш такво нешто најпрвин е нелогично, бидејќи унапредувањето на правата на Албанците не значи дека тие права ќе им бидат одземени на некој друг. И се поставува прашањето: што е поправедно, Македонците (64%) да имаат монопол за многу права, или некои од нивните права да ги уживаат и Албанците со што вкупниот број на луѓето кои ги уживаат тие права од 64%, со 25% на Албанците да порасне на вкупно 89% од населението? Но претекстот дека унапредувањето на правата на Албанците ги дискриминира помалите заедници, само ја открива нивната неискреност и дволичност. Еве зошто:
Да ви беше толку многу гајле за Турците, барем една општина предводена од Македонец ќе го имаше турскиот како официјален јазик. Со закон е дозволено една општина да го прогласи некој јазик како официјален дури и тој да биде мајчин јазик на помалку од 20% од населението. Но ниедна општина предводена од Македонец досега не го направила ова! Ова го направиле Чаир, Студеничани, Гостивар, Кичево, и др. кои се предводени од Албанци, кои вие бесрамно ги обвинувате дека сакаат да ги дискриминираат помалите заедници!
Да ви беше толку многу гајле за Ромите, немаше да дозволите тие да бидат огромно мнозинство од луѓето што питачат а се само 2.66% од вкупното население, немаше да дозволите да бидат избркани од работа во одделот за храна во Сити Мол, немаше да дозволите да бидат спречени да влезат по базени и ноќни клубови, немаше да испратите Роми да ја исмејуваат шарената зграда во Центар понижувајќи се со стереотипи за себеси, и немаше да ги вратите на граница за да не патуваат во Европската Унија!
Да ви беше толку многу гајле за Бошњаците, немаше да дозволите бошњачкото село Оризари во Општина Прилеп со месеци да биде без вода!
Затоа, ај доста со тоа лажнo душегрижништво кон помалите заедници и со инсинуации дека Албанците сакаат да ги дискриминираат помалите заедници, вашето досегашно (не)делување докажува дека реално не ви е гајле за нив!
Автор: Риљинд Даути ( апсолвент на Политички науки во Универзитетот на Југоисточна Европа)

