| |

МАЛЕСКИ: НЕКОГАШ СО БУГАРИТЕ СМЕ БИЛЕ ЕДЕН НАРОД

„Имено, зад нас е времето кога македонската историографија, заштитена од моќната југословенска федерација, можела непречено да врши селекција на историската граѓа за македонската нација, па каде пишувало Бугарин да пречкрта и да напише Македонец. Сега можете да кликнете на интернет, да влезете во архивата на „Њујорк тајмс“ и да прочитате текст од нивниот дописник испратен во 1903, за бунтот на бугарското население во Крушево на Илинден. Значи, ние мораме да се прилагодиме кон историската вистина дека во минатото сме биле дел од еден ист народ. Тој народ, во залуден напор да избегне поделби и понижувања од соседните балкански држави кои навалиле врз последната отоманската провинција во Европа, Македонија, спас побарал во, како што вели Крсте Мисирков идејата за „национален сепаратизам“ и создавање на сопствена словенска нација. По бруталните балкански војни, тој статус на достоинство, да биде свој на свое, да се биде македонска нација со свој македонски јазик и своја македонска држава ѝ е понуден на генерацијата македонски партизани, дотогашни „Јужносрбијанци“, во идната југословенска федерација на рамноправни народи, во текот на Втората светска војна. Пригрлувајќи ја таа идеја, со поддршка на другите југословенски народи, македонските партизани со пушка во рака и со човечки жртви ја реализираат својата идеја.

Разбирливо, во моментот кога се конституирала, македонската нација била свртена кон истражување на она што ја одвојува од бугарската, а такви елементи во историјата можат да се најдат секогаш кога локалпатриотизмот и грижата за својот дом во Македонија надвладувал над националната идеја на бугарската држава. Со тоа изобилува нашата историографија, но таквиот пристап не ја кажува целата вистина. Значи, некогашните методи за самоволна и невистинита селекција од страна на науката, како и на брутален однос кон сограѓани со бугарска национална свест од страна на политиката, се недопустливи денес. Објективната историска вистина и човековите права се аршинот на модерното време. Потребна е само волја да се погледне реално на сегашноста на два одделни народа со сопствени јазици, кои ги обединува заедничко минато, но и заедничка европска иднина. Двете страни треба овој приод да го препознаат како најрационален, најразумен, најевропски“, пишува поранешниот министер за надворешни работи на Македонија и универзитетски професор Денко Малески во својата најнова колумна „Некогаш сме биле еден народ“, објавена на порталот Инбокс 7.



Слични Објави