КОРОНА И ХЕРОИТЕ
Во минатото кога се пишувала историјата, за херои се сметале луѓето кои се истакнувале според одредени професии. Но, ниту еден историски запис нѐ вели како живеел обичниот народ, како се снаоѓал во тие невремиња и војни, историски процеси и итн. Барем така беше, додека учевме во основно и средно образование по предметот Историја.
Така и денес, неколку векови подоцна, во времето на пандемијата, историјата завзеде замав и во неа се величаат повторно некои личности и професии за херојски. Во самото именување на хероите, многу од професиите останаа неспоменати. Тоа се шнајдерските индустрии коишто дневно изработуваа по милион заштитни маски, потоа угостителската дејност која иако ги затвори портите од своите ресторани и кафеани, сепак изнајде начин храната воедно и пијалоците да се доставуваат до домашните средини на граѓаните, прехранбената индустрија која не престана со работа за да имаме што да јадеме. Продавниците, маркетите и пазарите работеа и работат со полна пареа, за да имаме од каде да се снабдуваме со неопходните продукти. Затоа, кога веќе оддавате почит, овие луѓе не живеат од браво, но зошто да не ѝм се придаде особена важност во овие времиња. Дајте ѝм го вниманието, почитта и значењето затоа што тоа се само луѓе. Луѓе на кои повеќе од сѐ ѝм е потребно внимание и место на заслуга во времето на пандемијава. Сите неуморно работеа и се придржуваа на препораките и правилата, за доброто на сите.
Но, од друга страна си велам, добро е што со појавава на вирусот конечно ѝм се обрна и посвети внимание на медицинскиот персонал. Бидејќи, луѓе, тие се секој ден херои без разлика дали постои Ковидов или не. Тоа се луѓе кои несебично ја одбрале медицината за своја професија и даваат сѐ од себе за доброто на другите. Гледајќи од нивна перспектива, и тие имаат свои семејства, и тие стравуваат за себе си и за своите.
Нормално е и дека помеѓу нив некогаш може да има и по некој арогантен, нељубезен и непристоен човек при извршување на услугите, како и во секоја поголема група на луѓе, но немојте поради гнилото во еден, два или тројца луѓе да го етикетирате целиот медицински персонал. Секако не може да се генерализира на темава, бидејќи во голема мера сѐ зависи и од односот пациент-доктор и обратно.
Со појавата на вирусот, повеќе или помалку, Ковидов го извади најдоброто од нас. Тоа човечкото парче суштина што одамна го бевме изгубиле. Луѓето се посветија на себе си, откривајќи нови патишта на креативност и работа, откривајќи се себе си при планинарење, готвење, шетање бар на некој начин одвлекување на умот од лоши вести, панични напади, избезуменост и ред други емотивни состојби кои нѐ доведуваат до лудило.
Според мене вистински херои сме сите ние обичните луѓе покрај титулата која ја носиме. Ние сите го сочинуваме народот. Народот распнат помеѓу лагата и вистината, стравот и храброста, вербата и довербата, животот и смртта, политичките партии, болестите, здравјето, тагата и среќата. Во што и кому да се верува во вакви ситуации? Што е исправно, а што не е? Умот преоптеретен со лажни вести поврзани со вирусот, со 5џи, со теоории на заговор, па чипови и што уште не распослано по социјалните мрежи.
Затоа сметам дека народот не треба да се обвинува, омаловажува и навредува туку да му се даде волја за живот. Да му се помогне, што полесно да излезе од оваа ситуација. Ситуација во која владее стравот и манипулацијата, недовербата и избезуменоста. Трагајќи по вистината и ние во неа.
Автор: Кристина Паскоска