(Не)Уставноста на бугарската помош за Украина, како покана за последната панахида за македонските Бугари

///

Пишува: Атанас Величков

Пред речиси една година познатиот бугарски новинар и главен редактор на информативната агенција БГНЕС Георги Пашкулев во своја анализа, за тоа како треба да се постави Бугарија во новонастанатата ситуација по руската агресија во Украина, алармираше дека бугарската политичка елита доцни. Доцни во заземањето на местото на надежен партнер на западниот демократски свет. За жал Бугарија не само што не го забрзува чекорот, кон тоа да се постави како сериозен фактор, туку одредени политички сили таму во Софија упорно се обидуваат да ја вратат земјата во една сфера на влијание, во која последната грижа на општествените чинители би била развојот на едно стабилно граѓанско општество, напредокот на државата, а уште помалку човековите права и правото на слободно изразување.

Овој меч во Бугарија веќе е игран. Резултатот е познат. Загубени се многу повеќе од 45 години, поминати во комунистичка диктатура. Загубен е сенсот, кај некои во Софија за тоа, што претставува чисто бугарскиот национален интерес и како истиот да се одбрани, но не со кафеански испади и активности, туку со бистра опсервација на политичките поместувања и геополитичката реалност.

Вчера премиерот на РС Македонија Димитар Ковачевски, кого европратеникот Ангел Џамбаски во едно од неговите видеа го спореди со секретарка што носи папки со цел да го навреди и понижи, разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Ковачевски го потврди ангажманот на РС Македонија да помага со сѐ што може на Украина. РС Македонија не може да испорача нешто повеќе од тоа, што веќе го дала како помош за Украина, но политичарите во Скопје многу поагилно ракуваат со настанатата ситуација. Тие трупаат симпатии пред западноевропејците, додека нивните колеги од проруските партии БСП и Преродба внесуваат предмет во Уставниот суд на Бугарија со барање, одлуките на Парламентот за воената и военотехничката помош за Украина да бидат објавени за противуставни. Значи Бугарија не само што задоцни во давањето помош за нападната Украина, туку и ризикува да се најде во една многу непријатна ситуација. Да се претвори од сериозна држава со јасно зацртани приоритети во една дезориентирана државна структура, која сака да биде балансер во светската политика, без да ги има ниту потребните ресурси за тоа, а уште помалку капацитетот, да биде погледната како сериозен играч, кој може да ја преземе таа ролја.

Тоа се реалностите и токму затоа во својата анализа Пашкулев напиша дека е „време да заземеме бугарска позиција, да престанеме да маневрираме или да се спуштаме. Оваа позиција не нѐ прави ниту предавници на словенството, ниту предавници на православието или русофоби. Тоа ќе не направи почитуван партнер во очите на САД и Германија, а и во очите на Русија, бидејќи ќе престанеме да ја лажеме Москва“.

Веста дека Уставниот суд на Бугарија ќе одлучува дали е уставна помошта за Украина се појавува во јавност, речиси една година по почетокот на ужасната воена агресија таму, неколку месеци по масакрот во Буча и во истиот ден во кој премиерот на РС Македонија одржува пријателски и што е уште поважно сојузнички разговор со човекот на кој целата политичка елита во САД му стана на нозе. После, се чудат некои, како тоа целиот нормален свет бил глув за бугарските барања кон Скопје и како никој не ги разбирал истите. Нормалниот свет ја разбра Бугарија! Софија го доби „францускиот“ предлог, истиот против кој протестираа проруските колеги на Нинова и Костадинов во РС Македонија- Мицкоски и Апасиев. Нормалниот свет му ги истегна ушите на Мицкоски и протестите спласнаа, прашање во случајот е дали има уши за тегнење во Бугарија?

Пак ли заради раатот на некој касап во Кремљ, Бугарија ќе ги стави на заден план сопствените државни интереси и повторно ли судбината на македонските Бугари, Бугарите во Украина, Молдова и Бугарите во Западните покраини ќе биде оставена во рацете на исконските бугарски непријатели?

Бугарските комунисти еднаш ја предадоа Бугарија пред 77 години, кога под нивното раководство се изврши насилната македонизација во Пиринска Македонија. Денес бугарските неокомунисти, путинофили се на пат да заиграт на едно оро со Вучиќ само и само да му се допаднат на нивниот идол, керберот што ја запоседнал власта во Москва.

На проруското оро освен Вучиќ се фатени Мицкоски и Апасиев. Тоа ли е сонуваното друштво за Нинова и Костадинов? Ова оро ли ќе биде суштината на нивниот патриотизам, изразен преку непопустливоста кон РС Македонија да ги започне преговорите со ЕУ, пред да ги реши проблемите со човековите права на Бугарите во Македонија и нерешените историски прашања? Ако тоа е тоа, тогаш да не се вознемируваат воопшто и нека не глумат загриженост за ситуацијата на Бугарите овде!

Со самиот факт, што тие сакаат Бугарија да ја претворат во еден вистински тројански коњ на Русија во НАТО и ЕУ, нѐ осудуваат нас македонските Бугари на пропаст и тоа треба јасно да се каже! Ние немаме друга опора освен Бугарија, ние не можеме да очекуваме од политичката елита во РС Македонија разбирање за нашите проблеми и тоа е сосема нормално, кога се знае на какви антибугарски темели е создадена македонската државност и нација. Ние не можеме да им бидеме лути на тие кои уште играат на белградското оро, но имаме право да кажеме збор два кога ќе забележиме дека некој во Софија упорно сака да се фати на истото.

Деновиве познатата бугарска новинарка Милена Милотинова направи две ексклузивни интервјуа со припадници на украинскиот отпор против психопатот во Кремљ и неговите трупи, кои убиваат мирни луѓе, дури и во моментов, додека го читате овој напис. Таа ни ги покажа хероите Јулија Пајевска- Тајра и Јарослав Божко. Тие го кажаа својот став-нивниот народ ќе се бори до последно за да ги избрка агресорите. Тајра и Божко беа во Брисел за да ја примат наградата „Сахаров“ доделена на храбриот украински народ. Веќе сигурно се вратиле во пеколот на војната. Можеби нема ни да го дочекаат нејзиниот крај, но тие се одлучни и горди на својот народ и држава. Сигурно се исплашени, само психопатите не се плашат од ништо, но Тајра, Божко и нивните соработници ќе ја продолжат својата борба.

Каков пат ќе фатат Бугарите, кои ги ставаат интересите на Путин пред интересите на сопствената земја? Ќе ја залажуваат јавноста со нивната загриженост за Бугарија или ќе си прават патриотски фотосесии во Охрид или на Шипка? Што и да направат, ќе биде безсмислено.

Ковачевски, кој е неспорен пулен на поранешниот титовистички режим, пред целиот демократски свет покажа како еден малоброен народ и една мала држава заземаат јасна позиција против руската агресија врз Украина и цела Европа. Ако Уставниот суд на Бугарија донесе одлука со која бугарската помош за Украина се прогласи за неуставна, тогаш Нинова и Костадинов можат да се чувствуваат поканети на панахидата на последниот македонски Бугарин овде. Навистина трагично, но барем Путин ќе биде задоволен, а тоа на некои им е најважно. Поважно дури и од судбината на Бугарија…

Претходна статија

Јарослав Божко од украинското движење на отпорот „Жолта лента“ пред Милена Милотинова: Мировните преговори со Русија се невозможни

Следна статија

Веќе 20 години на островот Ливингстон има полуостров Варна, глечер Калиакра, планина Тангра, ’рт Ботев и врв Левски

Најново од Истакнато