| |

600 000 БАГРЕМИ И НИТУ ЕДЕН ЧОЧЕК

„Немој да ме прашуваш каде ми се парите, ако и ти не знаеш прашај ги свирачите…“

Отворањето на фамозниот пат Миладиновци-Штип конечно се случи и покрај фактот, што од Министерството за транспорт првично кажаа дека свечено отворање нема да има. Е отворање имаше, ама чочек немаше. Поучени од претходната прослава за патот Демир Капија-Смоквица, овој пат батките од Владата одлучија свирачите да мируваат, по секоја цена, а парите наместо за „лепенки“ на нивните чела да заминат за багреми.

Од еден портал близок до власта дури воскликнаа од радост дека патот ќе бил со дрвја покрај него како во Германија. И брзината на патот е проектирана како максималната дозволена во Германија-130 km/h. Почнавме да ги копираме Германците, а откако нема да има потреба истите да ни донираат џипови за полицијата и амбулантни возила, може и ќе мрднеме еден метар поблиску до нив…

Ми се врти во главата сликава:

Дали и во Германија, службените возила со убавите седишта за неубавите задници на функционерите се во пати повеќе од бројот на амбулантните возила? Ајде тука да ги ископираме Дојчовците.

Багремите се најмалиот проблем, ќе се отвори фирма денеска и за некој месец ќе го добие тендерот. Веќе го видовме тоа, ако се сеќавате де, тогаш тендерот беше во сферата на здравството, тежеше 35 милиони евра и под притисокот на јавноста беше укинат. Работиме транспарентно како што би рекол г-нот премиер. Кај багремите, таков проблем нема да има. Граѓаниве не се дотолку осетливи. Нема да се набавуваат лубриканти, па да се крене џева. Е сега да направиме една мала математика:

Цената на 1 садник багрем варира од 50 до 100 денари… по 600 000, тука веќе се работи за една солидна сума од 30 до 60 милиони денари или во евра, ај сами пресметајте си.

Ништо пара за нашата јака економија, ние промена на пол ќе стаевме под фонд, па сеа за неколку стотици илјади евра ќе праеме проблем. Па Владата пред година и нешто распиша тендер тежок 670 илјади евра за цвеќиња… ако се сеќавате де. Баш заради кратката меморија се важни багремиве, па макар и откако ќе се насадат, да заличи патот Миладиновци-Штип на германски аутобан.

Немојте да мислите дека јас сум против тоа, да ги копираме германците. Напротив јас самиот се декларирам како австриски Македонец, мразам да доцнам, сакам германски коли, сакам Ангела и Бојко да се земат, кажано со други зборови, германскиот модел ми е топ модел за копирање. Но, ајде прво да се однесуваме како Германци. Колку дена главна тема ви е Тамара и химната? Дали Германците би дозволиле тема на неделата да им биде некаква пејачка што ја погрешила Дојчланд Дојчланд убер алес на свечен настан во странска амбасада, ако во истото време службените возила на функционерите, се во пати повеќе од амбулантните возила? Не верувам. А да… Германиците не би дозволиле и под нос да им постават поранешен терорист за заменик претседател на Влада. Но ние одамна се помиривме со терористите нели? Тие не ја грешат химната… тие не ни ја пеат.

Знаете ли зашто без страв и срам ги нарекувам функционерите на ДУИ поранешни припадници на УЧК терористи? Едноставно е, тие со прст не мрднаа за да се подобрат односите помеѓу Македонците и Албанците во нашата земја. Со прст не мрднаа да ја европеизираат оваа земја. Ги искористуваат своите гласачи и се вечниот „фактор за стабилност“, кој никако да прејаде со таа пуста власт… од 2002 до сега, со малата и бурна пауза од 2006 до 2008.

Терористички е да се нарекуваш Унија за интеграција при тоа демократска и во истото време да форсираш политика на мерење кур и виткање раце за твоите кадри да се чувствуваат недопирливи од законот. Алооо, се сеќавате ли на пајакот, џандарката и Бекир Асани? Не? Па нормално, Тамара е поважна. Сеирот е важен, важен како чочекот пред тунелот во кој светлото е некаде далеку.

Автор: Атанас Величков



Слични Објави